Агроеколошки мерки - нова поддршка за македонското земјоделство по принципот на ЕУ

Нов тип  финансиска поддршка за земјоделците кои при производството особено водат сметка за заштита на животната средина, почвата, автохтоните раси, растителните видови, пасиштата, наводнувањето и употребата на ѓубре, подготвува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Стануза збор за т.н. агроеколошки мерки кои Македонија допрва ќе ги акредитира како дел од ИПАРД програмата. Потребната документација е веќе заокружена, останува повисоките стандарди да се спроведат конкретно, директно на терен.

- Со еколошкиот начин на земјоделско производство ќе се заштити животната средина, ќе се зачувуваат природните ресурси, водата, почвата и генетската диверзификација, а на граѓаните ќе им се понуди здрава и еколошка храна, рече ресорниот министер Љупчо Димовски на денешната конференција „Агроеколошки мерки - можности и предизвици на земјите-членки и земјите-кандидати на ЕУ“.

Според него, агроеколошките мерки се основа за новата „зелена“ аграрна политика. Земјоделците кои добро ги познаваат агроеколошките принципи и нивните придобивки полесно ќе се одлучат за семејно и традиционално производство.

- Агроеколошките мерки не се субвенции, туку финансиска поддршка што ќе ја добиваат земјоделците како надополнување на приходот за спроведување на обврските - еколошки начин на обработка, наводнување, ѓубрење, заштита на растенијата и биодиверзитетот, враќање на традиционалното земјоделство, истакна Димовски.

Нивното воспоставување ќе почне оваа година преку Програмата за рурален развој. Предвидени се 26 милиони денари за систем за следење и анализа на автохтони видови животни и растенија и создавање генетски ресурси, како и за надомест на трошоци за номадско одгледување овци, кози и говеда во висина од 80 отсто од просечна месечна бруто плата. До крајот на 2012 се планирани финиширање на Системот за идентификација на земјоделските парцели, кој е основа за градење на политиките за развој на вкупното земјоделство, вклучувајќи го и еколошкото.

Значаен напредок во делот на законската рамка овозможи проектот „Развој и спроведување на агроеколошки мерки“ во чии рамки беа организирани и информативни средби со земјоделците во осум општини.

Агроеколошките мерки се користат доброволно. Може да бидат различни зависно од природните карактеристики на регионот и специфичноста на почвено-климатските услови. Ќе се спроведуваат на национално, регионално или локално ниво. Услов за нивно добивање е земјоделецот да биде регистриран, да располага со вкупна површина од најмалку 0,3 хектари и парцели кои не се помали од 0,1 хектар, добитокот да му биде евидентиран и обележан, да има агроеколошки план и да води задолжителна евиденција за сите земјоделски активности.

За агроеколошките мерки ЕУ во периодот 2007 - 2013 обезбеди околу 20 милијарди евра, 22 отсто од вкупните трошоци за рурален развој. Воедно ги обврза земјите-членки од буџетот за рурален развој да издвојат најмалку 25 отсто за агроеколошки мерки.