МИОА потпиша договори за отворање 31 електронска продавница

Отворање 31 нова  електронска продавница  овозможи Министерството за информатичко општество и администрација  откако денеска потпиша договори со наградените учесници на конкурсот за избор на најдобри бизнис планови за он-лајн тргување.

Новите електронски трговци најавуваат разновидна он-лајн продажба, на здрава храна, текстил, облека, обувки, информациски пакети, медицинска опрема, услуги за графички дизајн, термо и соларни колектори, продажба на вино, он-лајн книжарница, градежни материјали, компјутерска опрема...

Шест од наградените учесници на конкурсот со отворањето на веб продавницата ќе регистрираат фирма првпат, а 25 веќе имаат бизнис.  Од фирмите со активен бизнис, како Мартиалт од Битола која се занимава со увоз на  екслузивни медицински помагала, лекови и  козметика од странство,  очекуваат зголемување на профитот во правата година за пет до десет проценти.

- Следејќи ги плановите на нашите партнери  со кои соработуваме  во Европската унија и отворањето на нивните веб продавници и зголемувањето  на нивниот промет за 10 до 20 проценти во првата година се решивме да пристапиме кон овој чекор. Бидејќи во нашата  земја има малку познавања за купување  преку интернет  се надеваме дека профитот на компанијата ќе се зголеми за пет до десет проценти во првата година, изјави Мартин Јовановски, претставник на Мартиалт.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на потпишувањето на договорите изрази надеж дека можноста од МИОА за електронските продавници ќе придонесе за  надградба на бизнис плановите  на учесниците на конкурсот, за проширување на инвестиците и за дополнителни вработувања во информатичкото општество во Македонија.

Наградата за најдобрите бизнис планови од МИОА опфаќа  дизајн на веб страница за продавницата, едногодишно бесплатно хостирање, електронски каталог за максимум 50 производи/услуги, професионално фотографирање на производите,  едноставен систем за водење нарачки,  поврзување со процесор за платежни картички....

Комисијата од МИОА, најави Ивановски, ќе ја следи работата на веб продавниците во текот на првата година од нивното работење. Најефикасните пет продавници ќе бидат дополнително наградени со бесплатно хостирање  во втората година и дополнителен електрински каталог за 50 производи.  

Според Ивановски, бројот на веб продавници во Македонија се зголемува постојано. Од десетина кои работеле во 2010 година  нивниот број  годинава достигна 200.

Податоците од Државниот зваод за статистика, укажа Ивановски, покажуваат дека во првиот квартал од минатата година, само 4,1 процент од корисниците на интернет  направиле нарачки преку интернет за купување стоки и услуги за лична намена, а 6,7 проценти тоа го направиле во последните 12 месеци, претежно за купување облека или спортска опрема, односно 20,4 проценти.  Во 2011 година сопствена веб локација имале 58,9 проценти од деловните субјекти, а кај 10,4 проценти веб локацијата овозможувала он-лајн нарачка.  Во 2010, 6,9 проценти од деловните субјекти со најмалку 10 вработени имале веб-продажба, односно примиле нарачки за  стоки и услуги преку  веб, додека 7,1 проценти испратиле нарачки за купување стоки и услуги  на тој начин.

Конкурсот за избор на најдобри бизнис планови за електронски продавници е првиот дел од проектот „Сто веб продавници за 100.мк бизниси“ на МИОА. Целта е да се мотивира електронската трговија во Македонија  преку помош за отворање продавници и обука за користење.