И градинарите ќе добијат поголеми субвенции од лани

Од Програмата за поддршка на земјоделството годинава и градинарите ќе добијат поголеми субвенции од лани. Од приближно 2,6 милијарди денари наменети за финансиска поддршка на раститтeлното производство, за минимум засејани 0,2 хектари со градинарски култури, за секоја култура одделно, производителите на домати и краставици ќе добијат по 30 илјади денари за хектар, а за пипер и компир по 23 илјади денари.

Како што соопшти ресорното Министерство, по 20.000 денари за хектар, за најмалку 0,2 хектара ќе добијат градинарите кои оваа година ќе произведуваат режано цвеќе, грав, боранија, грашок, краставици, корнишони, зелка, кељ, кромид, лук, праз, зелена салата, брокула, спанаќ, како и оние кои ќе се ориентираат кон производство на карфиол, морков, целер, цвекло, пашканат, аспоарагус, ротквици, цвеќе и култивирано произведени ароматични и зачински  растенија.

За земјоделците кои ќе произведуваат калемени лубеници, за тикви, тиквички и за декоративни садници, со мерките од Програмата за финансиска поддршка за растително производство, предвидена е субвенција од 6 илјади денари за хектар. Производителите на дињи ќе добијат повисоки субвенции, по 10 илјади денари за хектар, за минимум  0,2 хектари производстевна површина.

Новина во годинешната Програма е тоа што градинарите производители на некалемени лубеници ќе добијат дополнителна поддршка од 10 илјади денари за хектар, но, само ако приложат потврда од  надлежната институција дека не е извршено калемење.

Доколку производстевната површина се наоѓа во подрачје со ограничени услови за производство, дефинираната минимална површина за алицирање за субвенции се намалува за 50 проценти.

Дополнителни 90 илјади денари за хектар, за најмалку 0,2 хектари, предвидени се за земјоделците кои произведуваат  домати, пиперки, краставици  и режано цвеќе во пластеници и оранжерии, а кои ќе поднесат и барање за субвенционирање на градинарското производство. За да ги исполнат условите за дополнителна поддршка, градинарите кои произведуваат во пластеници или во оранжерии, задолжително треба да достават доказ за набавен огревен материјал. Услов за нив е и производството да е продадено на домашниот пазар или да е остварен извоз најдоцна до 15 мај 2012 година.

И за оваа кетагорија градинари, условите за аплицирање  за дополнителна поддршка за градинарско производство кои се однесуваат на минимум засеана површина, се намалуваат за 50 проценти доколку производствените површини се наоѓаат во подрачја со орагничени услови за производство.     

Земјоделските стопанства кои доставеле барање на субвенционирање на градинарското производство согласно годинешната Програма, а кои во периодот ноември 2011 – октомври 2012 година го продале, или ќе го продадат зеленчукот во домашни преработувачки капацитети за зеленчук, ќе добијат дополнителна финансиска поддршка од 1,5 денари за килограм, освен за  пиперки и корнишони, за кои е предвидена дополнителна поддршка од 2 денари за килограм.

Зголемување на субвенцијата за 15 проценти предвидено е за производителите на зеленчук на отворено поле, во пластеници и во оранжерии чии производствени парцели се наоѓаат на надморска височина поголема од 700 метри, согласно  Системот за идентификација на земјишните парцели.

Рокот за поднесување барања за субвенции за градинарско производство на отворено, во оранжерии и во пластеници е до 20 јуни, а за дополнитела поддршка за предаден зеленчук во преработувачките капацитети до 5 ноември 2012 година.