Попоски ќе побара од Бан Ки-мун да се почитува одлуката на Судот во Хаг

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски утре во Њујорк треба да се сретне со генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун. На средбата за очекува да стане збор за пресудата на Меѓународниот суд во Хаг и нејзиното игнорирање, особено во контекст на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, како и за актуелностите во македонско-грчкиот дијалог за надминување на разликите околу името.

Попоски ќе побара од Бан Ки-мун да се заложи за почитување на одлуката на Судот кој работи под покровителството на ОН, а со која беше потврдено дека блокирањето на членството на Македонија во НАТО е нелегално.

- Одлуката од Меѓународниот суд на правдата е солидна основа која може да помогне да се решава проблемот меѓу Македонија и Грција. Обединетите Нации дефинитивно се рамката во која се дефинирани правилата за билатералните односи меѓу двете земји. Во услови кога Македонија сака да го оствари членството во НАТО и ЕУ, а Времената спогодба тоа го гарантира сметаме дека тоа се силни аргументи кои мора да бидат вреднувани, изјави Попоски пред заминувањето за САД.

Министерот за надворешни работи во Њујорк ќе се сретне и со поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, а на реномираниот Универзитет Колумбија ќе има обраќање на тема „Евро-атлантската интеграција: кон безбедност и просперитет на Западниот Балкан“. Се очекува Попоски да има средба и со посредникот во македонско-грчките разговори за името Метју Нимиц.

По престојот во Њујорк, шефот на македонската дипломатија ќе отпатува за Вашингтон, каде што се предвидени повеќе средби во Конгресот на САД,  како и со претставници на американската администрација и невладини институции од областа на надворешната политика.

Фокусот на разговорите ќе биде насочен кон презентирање на аргументите за што побрзо заслужено  зачленување на Република Македонија во НАТО. Во реномираната Брукингс Институција во Вашингтон, министерот Попоски ќе говори на тема „Македонија на прагот на НАТО и Европската  Унија“.