Република Македонија е целосно подготвена за понатамошните чекори во предпристапниот дијалог со ЕУ

Ние сме целосно подготвени за понатамошните чекори во предпристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ. Овој процес го имаме сфатено многу сериозно, особено затоа што гледаме дека и Европската комисија сериозно гледа на процесот и даваме се што е во наша моќ за што побрзо да се испорачаат резултатите кои се очекуваат од Република Македонија.

Ова е одговорот од премиерот Никола Груевски на новинарското прашање како го оценува предпристапниот дијалог со ЕУ, во пресрет на доаѓањето на еврокомесарот за проширување Штефан Фуле на почетокот на мај.

- Реформскиот процес не запира, напротив дополнително се забрзува, истакна Груевски денеска по отпочнувањето на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Во Владата на Република Македонија, посочи, работат околу 35 тима, а посебно се активни околу 10 - тина, кои имаат конкретни задачи и рокови околу двете поглавја 23 и 24.

- Еверокомесарот Фуле доаѓа во мај, а тоа ќе биде продолжување на дијалогот започнат пред извесен период. Во меѓувреме се трудиме, иако е краток периодот од само околу месец и половина, да испорачаме колку што е можно повеќе резултати. Се разбира тие немаат преголеми очекувања за овој месец и половина, но сепак и во тој период се трудиме да направиме колку што е можно повеќе работи за да се препознае одреден напредок, изјави Груевски

Тој потенцира дека сепак, најважно е пред се тие резултати да бидат од корист за граѓаните на Република Македонија.