Министерот Кралев се сретна со претставници на СОНК

Процесот на трансформација на работните места во образовниот процес, средните стручни училишта во Македонија и зголемување на интересот кај учениците за нив, новитетите кои ги воведува МОН во образованието, од аспект на информатичката технологија, значењето на Е-дневникот и фондот на часови, беа теми на денешниот состанок меѓу министерот за образование Панче Кралев и претставниците на СОНК, на Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.

- Една од клучните позитивни теми кои ја разгледавме во минатиот период е процесот на трансформација на работните места, што се одвива тековно во Македонија. Бројот на трансформирани работни места во овој момент се движи околу 5.000. Се работи за трансформации кои се обезбедени за сите членови на Синдикатот, т.е. за сите кои се дел од воспитно - образовниот процес во Македонија, изјави пред почетокот на средбата министерот Кралев. Овој процес тековно и континуирано ќе се одвива и следниот период.

Процесот на трансфорамција почна пред извесно време и МОН и Синдикатот активно го следат. Кралев додаде дека се разгледуваат забелешки и поплаки кои евентуално дел од наставниците ги искажуваат во процесот на трансформација.

- Согледуваме за секој поединечен случај. Ако постои некоја поплака или грешка се обидуваме да ја исправиме со цел сите кои законски ги исполнуваат овие услови да добијат решение за работа, потенцира Кралев.

Тој посочи дека во изминатиот период има тенденција на опаѓање на интересот кај учениците за средните стручни училишта. - МОН води кампања за подигнување на интересот на учениците за техничките факултети и за средните стручни училишта со цел да пренесеме порака дека овој вид на образование е неопходно во Македонија, рече Кралев.

За тоа дали ќе се зголемат платите на наставниците за 10 отсто, Кралев рече дека тоа треба да се случи следната година. - Платите на наставниците не се засегнати со ребалансот на буџетот, потенцира Кралев.

Јаким Неделков, претседател на СОНК изјави дека изминатиот период отвориле повеќе прашања, како големиот обем на потрошено време на наставниците за работниот ден, за големиот фонд на часови на учениците на неделно ниво, оценување на наставниците, за оптовареноста на наставниците со голем број наставни предмети...