Груевски: Голем интересот за инвестиции во наоѓалиштата на минерали и рудни богатсва во земјава

Голем интерес за коцесијата за рудникот „Тајмиште“ во кичевскиот крај. Компании од Индија и Турција својот интерес го искажале и најавиле дека ќе достават понуда на објавениот оглас за давање под концесија на овој рудник. Премиерот посочува дека има компании и од други држави кои се заинтересирани за овој капацитет и оти тоа се компании кои владините претставници се сретнале на економските презентации што ги прави Владата. Очекува рудникот да отвори нови работни места и да биде нов извозен капацитет.

- Во моментов доста актуелна е концесијата за рудникот „Тајмиште“ во кичевскиот крај, за кој има голем интерес. Тоа го знам по тоа што многу компании се јавуваат во Министерерството за економија, а многу од нив се јавуваат и во Владата кажувајќи дека ќе конкурираат на овој конкурс. Пред неколку дена дојде една компанија од Индија, потоа исто така компанија од Турција и од други држави. Тоа се  компании кои сме ги сретнале на роуд-шоута на презентацијата на Македонија во други држави и тие самите кажуваат дека од тогаш наваму се заинтересирани, дека слушнале за овој меѓународен повик и дека ќе бидат еден од кандидатите за отворање на овој рудник. Очекуваме таму да има доста нови вработувања и очекуваме да биде нов извозен капацитет на Ррепублика Македонија и делумно супституција на увозот е рудата која што ќе се вади од овој рудник, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба нова клучка за пристап до аеродромот „Александар Велики“.

Тој додаде дека актуелно е и истражувањето на бакар и на злато во струмичкиот регион кое кога ќе се реализира ќе биде огромна инвестиција и место каде што ќе има огромен број вработувања кога станува збор за струмичкиот регион. Актуелни се, појаснува, уште и 10-тици помали или поголеми наоѓалишта или можни наоѓалишта на суровини и на минерали и на рудни богатства.

Според премиерот, важно е што секое наоѓалиште претставува извор на голем број работни места, некаде, вели, тоа е помало и изнесува 20, 30, 50 работни места, некаде е поголемо 100 или 200, а некаде е и многу поголемо како што очекуваме во овие два што ги споменав во Кичевско и во Струмичко, а и други коишто се во фаза на разгледување или во фаза на пројавување на интерес.

Тој истакна дека Владата во минатата година беше прилично фокусирана на работата на овој дел од Министерството за економија односно на Комитетот за минерални суровини се со цел да се отворат нови работни места и да се зголеми извозот од Република Македонија. - Степенот на работење е значително подигнат особено кога се формираше Комитетот за минерални суровини и руди што заседава еднаш во месец - месец и пол и со кој лично го раководам, можам да кажам дека значително е забрзана постапката за издавање решенија на Министерерството за економија, отворање конкурси за експлоатација односно за истражување па подоцна за експлоатација, изјави премиерот Никола Груевски.