Груевски: Новиот бран шанса за секого

Претседателот на Владата Никола Груевски денеска ги потврди смените на околу 150 функционери назначени од партијата и најави дополнителен мониторинг до есен на работењето на уште 40 до 50 функционери. Испразнетите места ќе бидат пополнети преку конкурси, а премиерот ги повика сите заинтересирани да се јават на нив. 

Ова, според премиерот, ќе биде добра можност да им се даде шанса на свежи луѓе, кои ќе се пријават на конкурсите. За огласените места ќе бидат избрани најспособните, независно дали се членови на ВМРО-ДПМНЕ или не.

- Ги повикувам сите граѓани на Македонија кои се чуствуваат компетентни, стручни, образование за одредени позиции кои ќе бидат слободни да се јават на конкурсите, независно дали се членови на ВМРО-ДПМНЕ или не. Ние сакаме да ги прибереме најдобрите кадри на важните позиции за граѓаните на Република Македонија. Ако еден кадар успешно ја изразува својата функција, а не е член на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе биде во корист на целата држава, автоматски ќе биде и во корист и на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Груевски.    

Сакаме, додаде тој, да обезбедиме способни и свежи кадри. - Ние не сакаме да бидеме како СДСМ - исти луѓе да бидат на функција постојано, независно дали добро работат или не. Тие гледаат само кој колку до кого е близок. Кај нас нема такви работи. Ничија близина, поддршка или слично не може да биде замена за сервисот што треба секој функционер да го даде на граѓаните, изјави Груевски.     

Појаснувајќи ја оваа новина во владејачката партија, тој посочи дека одлуката била донесена пред неколку месеци да се направи истражување за да се види како работат некои од функционерите.

- Тоа се луѓе од вториот и од третиот ешалон кои поретко ги гледаме и често пати слушаме од граѓаните добри или не многу добри коментари. Оценивме да направиме едно детално истражување за секој којшто е поставен на функција, а е предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали е член на партијата или не е член. Истражувањата покажаа дека на некои места се потребни освежувања и нови луѓе. Постојните да одморат малку. Се чувствува дека некои од нив се заморени, а некои од нив се малку одалечени од граѓаните, изјави премиерот Груевски.

Но, без разлика на истражувањето секој функционер на ВМРО-ДПМНЕ е под мониторинг и дека тие, како што истакна тој, не треба да бидат комотни.

- Кога се обавува јавна функција и кога некој е предложен од ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека постојано треба да биде мобилен, дека од него се очекува максимално работење и давање се од себе во секој момент за време на целото траење на функцијата, рече тој.