Пуштена во употреба нова клучка за пристап до аеродромот „Александар Велики“

„Тав Македонија“ целосно ја заокружи најавената инвестиција во Македонија од над 100 милиони евра. Денеска беше пуштена во употреба нова клучка за пристап кон аеродромот „Александар Велики“ која ќе овозможи полесно движење и пристап до Аеродромот.

- Заокружуваме еден значаен проект што е од голема корист за нашите граѓани, затоа што по изградбата на овој Аеродром почна интерес од многу компании за нискотарифни летови и почна да се зголемува прометот на Аеродромот. Сега веќе кога е готов е речиси 10 пати поголем од она што беше претходно, со проширена писта, модернизирани сите делови,  завршени влез-излез каква што е оваа клучка. Имаме успешно завршен проект, рече премиерот Груевски обраќајќи се по повод пуштањето во употреба на новата клучка.

Тој посочи дека со ова Македонија веќе ги чувствува благодетите од модернизацијата на аеродромите, со што е подигнат квалитетот на услугите, зголемен е интересот кај ниско тарифните авиокомпании, најавени се цените на билетите, овозможен е поголем број авионски релации, а поткрепен е и туризмот.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески потенцира дека минатата година скопскиот аеродром беше лидер по растот на бројот на патници. За првите три месеци од годинава посочи дека растот е 27 отсто или 206 илјади патници.  Очекувам, истакна, со субвенциите на авиокомпаниите за нови линии, бројката да достигне до еден милион.

Инвестицијата е 2,2 милиони евра од кои „Тав“ обезбеди 1,5 милиони евра, а останатите Владата. Градежните работи ги изведуваше „Гранит“.

„Тав Македонија“ го зеде аеродромот под концесија на 20 години. Минатата година беше пуштен во употреба модернизираниот аеродром „Ав. Апостол Павле“ во Охрид, а потоа и скопскиот аеродром.