Побрзо почнување на преговорите со ЕУ, побара Попоски од амбасадорите на членките на Унијата

Што побрзо отворање на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ, бидејќи донесувањето таква одлука ќе даде значаен поттик и на процесот на надминување на разликата околу името со Грција.

Тоа го истакнал министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешната средба со aмбасадорите на земјите – членки на Унијата во Република Македонија.

Како што соопшти МНР, на состанокот, кој е во рамките на редовната пракса на одржување работни средби со амбасадорите со цел размена на мислења за актуелни прашања од евроинтеграцијата на Македонија, тој потенцирал дека во претстојниот период земјата ја очекува динамична агенда во односите со ЕУ која очекува да резултира со дополнителни аргументи за нашата подготвеност да ги започне пристапните преговори.

Меѓу најактуелните настани кои претстојат се посочени вториот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво, кој треба да се одржи на 7 мај во Скопје под ко-претседателство на премиерот Никола Груевски и комесарот Штефан Филе и редовните годишни состаноци, деветти по ред, на највисоките тела согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација - Советот за стабилизација и асоцијација (23 јули во Брисел) и Комитетот за стабилизација и асоцијација (30-31 мај во Скопје). 

- Владата и администрацијата се целосно посветени на реализацијата на утврдените цели и активности не само во клучните пет приоритетни области кои се предмет на Пристапниот дијалог, туку и во сите останати области опфатени со Копенхашките критериуми за членство согласно Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, истакнал Попоски.

Тој ги претставил тековните и планираните активности во областа на правосудството и внатрешните работи, опфатени со поглавјата 23 и 24 од правото на ЕУ, за кои неодамна беше отпочнат и технички дијалог и констатирано високо ниво на усогласеност. Се осврнал и на актуелните мерки поврзани со реформите во јавната администрација, слободата на медиумите и професионалните стандарди, реформата на изборниот процес и економските критериуми поврзани со функционалната пазарна економија, се вели соопштението од МНР.