Промовиран водич за рационално упатување на пациентите за покомплексни дијагностички процедури

Посебен водич за рационално упатување на пациентите за покомплексни дијагностички процедури, е изготвен врз база на искуства и препораки од британскиот Кралски колеџ на радиолози. Целта е унифицирање на работата на лекарите за што порационално користење на дијагностичките испитувања со што ќе се намали непотребното зрачење на пациентите во областа на радиологијата и нуклеарната медицина.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека водичот претставува алатка или патоказ во однос на тоа - за што и кога треба да се направат одредени дијагностички процедури, а со цел да бидат корисни при процесот на поставување дијагноза.

- Анализите говорат дека значаен број радиолошки испитувања кои се прават кај нас не ја исполнуваат оваа цел и во поголем број случаи додаваат само непотребно зрачење за пациентот. Од посебно значење е  прецизното упатување - тоа овозможува рационално користење на опремата, додека непрецизното упатување предизвикува непотребни турканици и зголемување на листите на чекање, како и непотребен трошок за пациентот и за системот, посочи Тодоров.

Тој презентираше примери, според кои, до 70 отсто од пациентите упатени за снимање на магнетна резонанца се со нормален наод или пак со промени кои се вообичаени за возраста на пациентите.

- Ова значи дека докторите на магнет во најголем дел упатуваат неселектирани пациенти. Дури и до 10 отсто од пациентите се упатени без упатна дијагноза. До 20 отсто од пациентите што се упатуваат на магнетна резонанца се со упатна дијагноза главоболка, рече Тодоров.

Појасни дека магнетната резонанца не е рутинска метода за преглед на овие пациенти, туку кај нив, како што јасно стои во упатството, треба да се направи компјутерска томографија на мозок и тоа само во случаите кога главоболката е акутна и силна и се појавила наеднаш.

Водичот е наменет за секој доктор кој има потреба да ги упатува пациентите за некоја од опфатените процедури од областа на радиологијата и нуклеарната медицина, како што се снимање на магнетна резонанца, компјутерска томографија, ултразвук итн. 

- Водичот в понеделник ќе биде објавен на веб страницата на Министерството за здравство. По добивање мислење од стручната јавност водичот ќе биде објавен во Службен весник, додаде министерот Тодоров.