Министерот за одбрана Бесими се сретна со швајцарскиот колега Маурер

Досегашната соработка меѓу Македонија и Швајцарија е одлична, оценија министерот за одбрана Фатмир Бесими и швајцарскиот министер за одбрана, цивилна заштита и спорт, Уели Маурер по вчерашната средба во Берн. 

На средбата, информираат од МО, беа разгледани и можностите за продлабочување на соработката, особено во областа на зајакнување на човечките капацитети преку обуки и школувања на припадниците на Министерството за одбрана и на АРМ.

- Двајцата министри разговараа и за билатералната соработка во областа на одбраната и безбедноста. Тема на разговор беа реформите во Министерството и во АРМ, како и учеството во меѓународните мировни мисии и контрибуцијата кон глобалната безбедност. Исто така, се разговараше и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа, како и за активностите за поблиска регионална соработка и нејзиното значење за севкупниот раст и развој, соопшти МО.

Денеска, се посочува во соопштението, при посетата на седиштето на Меѓународниот црвен крст, министерот Бесими се сретна со директорката за операции во Европа и Северна Америка, Барбара Хинтерман со која разменија мислења околу мисијата ИСАФ во Авганистан и мисијата во Сирија. При посетата на Женева Центарот за безбедносна политика, реализирана беше средба со амбасадорот Фред Танер, кому му беше изразена благодарност за поддршката на неодамна одржаната Конференција на министрите за одбрана на САД-Јадранската група.

Дополнително, во насока на унапредување на меѓусебната соработка, министерот Бесими оствари и посета на Центарот за демократска контрола каде се сретна со амбасадорот Теодор Винклер.

- На средбите стана збор и за модалитетите за зацврстување и унапредување на идната соработка со посебен осврт кон обуките за припадниците на Министерство за одбрана и на АРМ и проектите коишто ќе значат подобрување на стандардот на војниците, како и модалитетите на инклузивност и професионалност при развојот на модерната структура на АРМ, се додљва во соопштението.