Попоски се сретна со Дејвид Кален, шеф на Одделот за Македонија во Директоратот за проширување на ЕК

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Скопје се сретна со Дејвид Кален, раководител на Одделот за Република Македонија во Генералниот директорат за проширување при Европската комисија.

МНР соопшти дека на средбата стана збор за претстојните активности и чекори во рамките на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската унија. Попоски информираше дека Владата го финализира и наскоро ќе го усвои Оперативниот патоказ за спроведување на реформските цели и мерки во петте заемно договорени приоритетни области, преку конкретни активности и рокови за реализација за секоја одделна мерка.

Дејвид Кален го поздрави високото ниво на посветеност на Владата и администрацијата кон Пристапниот дијалог, искажувајќи уверување дека оперативниот патоказ ќе биде одлична основа за квалитетно следење на напредокот во пресрет на годинешниот редовен извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во пристапниот процес.

Следната, втора по ред сесија на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија, ќе се одржи на 7. мај оваа година, во Скопје, под ко-претседателство на Премиерот Груевски и Комесарот Филе.