Завршна конференција за проектот „Зголемување на ефикасноста и модернизација на Управниот суд“

По двегодишна реализација денеска во Скопје се одржа  завршна конференција за проектот „Зголемување на ефикасноста и модернизација на Управниот суд“, кој беше фокусиран на ревизија на правната рамка, институционална организација и управување, управување со човечки ресурси, подготовка на програмите за почетна професионална обука на кандидатите за идни судии и јавни обвинители, како и информатичко управување.

Амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Аиво Орав посочи дека системот на управното судство е неопходен и има клучна улога во социјалниот и економскиот развој на една земја.

- Независноста, професионализмот и ефикасноста се три битни компоненти на секој добар систем на правда, доколку една од овие компоненти пропадне тогаш целиот судски систем се доведува во прашање, рече Орав и изрази верување дека судството и партнерите во  Владата ќе им дадат соодветно значење на овие компоненти и успешно ќе ги спроведат реформите.

Според него, направено е многу на полето на управното судство, пред се со измените на законите, со основањето на Вишиот управен суд, како и со формирањето на работна група во Министерството за правда за новиот закон за управните спорови.

Вицепремиерката Теута Арифи нагласи дека судскиот систем во секоја демократска земја е главен столб кој мора да го гарантира владеењето на правото и да ги штити правата на граѓаните.

- Секоја земја мора да биде посветена и да воспостави независно и ефикасно судство кое ќе функционира во интерес на граѓаните и токму затоа реформите во судскиот систем се еден од главните приоритети на кои се фокусира Владата на Република Македонија, рече Арифи.

Овој проект, како што истакна, директно ќе придонесе за подобрување на функционирањето на судските институции, за поефикасно управување со судските предмети, за зајакнувањето на професионалните вештини на судиите и јакнењето на капацитетите на судската администрација.

- Сите проекти, вклучувајќи го и денешниот, треба да ги гледаме во светло на дијалогот што се води меѓу Република Македонија и ЕУ, кој е голема шанса за нас како граѓани на оваа земја да направиме подобро досие во односите со Унијата, кое ќе ни овозможи да имаме не само побрз пристап, туку и да го забрзаме процесот кон наше членство во овие институции, нагласи Арифи.

Министерот за правда Блерим Беџети смета дека клучен фактор во модернизацијата е развојот на управната надлежност преку постоење на Управниот суд и Вишиот управен суд како специјализирани судски институции со надлежност на целата територија на државата.

- Специјализираните управни судии се поважни од кога било порано, бидејќи во времиња на глобализација и забрзан технолошки развој, управното право станува се посложено. Се појавуваат нови области на правото како индустриско и еколошко право кои беа комплетно непознати кога надлежностите  беа поставувани, рече Беџети.

Во своето обраќање претседателката на Вишиот управен суд Розалија Кочковска рече дека проектниот тим за овие две години се посвети на уредувањето на управното законодавство, на давањето предлози за подобрување на судскиот менаџмент, на информацискиот систем, како и на спроведувањето стратегија за обуки на судиите и стручниот кадар.

 - Најголеми беа очекувањата од компонентата 4 која се однесува на интерконекцијата на судот со државните органи, со цел комплетна комуникација помеѓу судот и органите да оди по електронски пат. Но за жал од објективни и финансиски причини овој процес неможеше да се реализира за времетраењето на проектот, рече Кочковска.

Во контекст на тоа додаде дека остануваат анализите и предлозите на проектните експерти за оваа компонента, кои се надева дека во блиска иднина ќе се искористат.

Проектот ИПА „Зголемување на ефикасноста и модернизација на Управниот суд“ е финансиран од Европската унија.