Република Летонија го отвори почесниот конзулат во Штип, а за почесен конзул во Република Македонија е назначен штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски.
На денешното свечено отварање присуствуваа министрите за надворешни работи на Летонија Марис Риекстинс и на Македонија Антонио Милошоски. Двајцата шефови на дипломатиите со симболично откривање на плочата го отворија првиот почесен конзулат во историјата на Штип.
Министерот Риекстинс истакна дека неговата земја ги шири дипломатските претставништва низ светот.
- Летонија прогласи независност во 1991 година и во моментов имаме 35 дипломатски претставништва. Не сме задоволни од бројката и затоа наша интенција е да отвориме што е можно повеќе, изјави Риекстинс.
За македонскиот министер за надворешни работи отварањето на почесниот конзулат е значајно за поголема комуникација меѓу двете земји.
- Задоволен сум што Штип влезе во дипломатската карта покрај Скопје и Битола. Ви честитам што како град го постигнавте отварањето на првиот Почесен конзулат и сметам дека ова е еден почеток кој ќе даде голем придонес за Штип, истакна Милошоски.
Запрашан дали има најава за отварање на други конзуларни претставништва во Штип, Милошоски истакна дека тоа најмногу зависи од личноста која има амбиции.
- Митровски ги имаше. Нормално доколку земјите пројават интерес за отварање на вакви дипломатски претставништва, на Штип му е отварен патот. Особена чест и задоволство е да си првиот почесен конзул на една држава во Штип, додаде шефот на македонската дипломатија.