Премиерот Никола Груевски се сретна со регионалниот директор на француската компанија Керфур, Христијан Шаритат

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со регионалниот директор на реномираната француска компанија Керфур, г-дин Христијан Шаритат.

На средбата претседателот Груевски беше информиран за одлуката на Керфур за влез на македонскиот пазар преку отворање на својот прв хипермаркет во новиот трговски центар Скопје Сити Мол кој треба да започне со работа во септември оваа година.

Претседателот Груевски упати честитки и посака успех во реализацијата на оваа значајна инвестиција, при што истакна дека владините институции ќе ја дадат неопходната поддршка за успешно отпочнување на овој проект.

Претставникот на Керфур објасни дека станува збор за значајна одлука на неговата компанија, која е присутна во над 40 земји во светот, да ги прошири своите операции во Македонија како брзорастечки пазар со значајни потенцијали.

Тој истакна дека со оваа инвестиција на Керфур директно ќе се отворат 200 нови работни места, а индиректно таа ќе придонесе за отворање на уште 100 нови работни места.

Двајцата соговорници заклучија дека успешната реализација на првиот проект на Керфур во Македонија ќе биде поттик и за проширување на нивните активности на македонскиот пазар.