Изградбата на Коридорот 8 може да почне во 2014 година

Пропадна тендерот за концесија на автопатиштата, кој беше еден од најголемите проекти на Министерството за транспорт и врски во изминативе неколку години. Кога ќе почне изградбата на овие делници од Коридорот 8, кои се клучни за компаниите?

Се работи за повеќе патни правци. Цел на Владата е овие патни правци да се изградат и таа цел ја искажавме пред ЕБРД и преку доставување апликација за добивање средства од Western Balkan Investment Fund, кои би се искористиле за консултант кој би направил анализа и врз база на неговите укажувања би продолжиле активностите и постапките, согласно Законот за јавен долг, со меѓународните банки за добивање на потребните средства, бидејќи она што беше најголем проблем во постапката за концесија е обезбедувањето финансиски средства посебно во економска криза. Делницата Гостивар–Кичево, согласно претходно изготвените физибилити-студии, има поголем број возила споредено со другите делници и затоа, нашата цел е за овој патен правец да се спроведе проект за концесија, но најпрвин ова треба да го потврди и консултантот, што претпоставуваме дека ќе ни го одобрат и од WBIF потоа ќе треба да се направи уште една студија, која би била релевантна за идните концесионери, бидејќи тие за ваквите големи проекти најчесто бараат средства од меѓународните финансиски институции, со оглед на тоа дека многу е тешко во период на економска криза некоја комерцијална банка да влезе во проектот или доколку влезе, ќе понуди средства кои не се со поволна каматна стапка. Во меѓувреме, ние контактиравме и со други интернационални финансиски корпорации со цел да ги разгледаме сите можности кои се однесуваат на изградбата на патот Гостивар–Кичево. Предноста на концесијата е тоа што во ваква постапка државата не се задолжува, односно инвестицијата не се рефлектира на буџетскиот дефицит и во јавниот долг.За делницата Миладиновци–Штип, нашата заложба е да биде изградена на ниво на автопат, но не преку концесија, бидејќи нема доволен број возила, туку класично обезбедување средства преку заем. За делниците што се на Коридорот 8, значи останатите делници, ќе одиме со надградба и реконструкција. Тоа значи онаму каде што има црни точки, каде што има поголеми кривини би оделе со проширување, а во останатиот дел ќе се изврши обновување на асфалтот. За делницата Скопје–Блаце веќе наредната недела очекувам да имам состанок со мојот колега од Косово, со цел да утврдиме јасна рамка и динамика за реализација на проектот. Заедно би го реализирале овој проект, било да е тоа преку концесии или преку заем. Многу е битно тоа што и од страната на Македонија и од страната на Косово има ист тип пат, магистрален пат, а доколку се оди со изградба на автопат, тогаш треба паралелно да се градат двете делници. Има некакви најави дека тие би стартувале дури во 2014 година со некакви првични постапки, а ние веќе имаме изготвено проект, така што по овој состанок ќе видиме кој ќе биде понатамошниот развој за овој патен правец.

Бизнис-заедницата постојано алармира дека без инфраструктура нема конкурентна економија, ниту извоз. Зошто не се посветите поагресивно на инфраструктурните проекти?

Тврдењето дека не се реализираат инвестиции во патната инфраструктура е апсолутно неточно. Само ако се направи преглед на она што го работевме во 2011 година, јасно се согледува нашата заложба за изградба на добра патна мрежа, затоа што се реализираа голем број проекти за изградба на локални, но и на регионални патни правци. Ако можам, би сакал да потсетам дека ја завршивме изградбата на автопатот Табановце–Куманово, а се заокружи финансиската конструкција и почна постапката за избор на изведувач на градежните работи за изградба на автопатната делница Демир Капија–Смоквица на Коридорот 10, за што очекуваме годинава да започне и изградбата, со цел целиот Коридор 10 во Македонија да биде изграден на ниво на автопат. Со проектот за изградба на локални патишта во изминатите две години изградивме повеќе од 100 патишта, пред сè до рурални средини кои претходно немаа добар пристап до патната мрежа, а минатата година се заврши изградбата, односно реконструкцијата и на пет регионални патишта. Продолжуваме со ист интензитет и континуирано работиме на остварување на зацртаните проекти за рехабилитација и за изградба на патиштата.

Откако се намали цената на државното градежно земјиште на едно евро за метар квадратен има голем интерес за купување државни парцели. Какви се ефектите, колку ова поттикна нови инвестиции во земјава?

Оваа мерка има страшни ефекти. Минатата година распишавме речиси 200 јавни објави за отуѓување градежно земјиште сопственост на Р.Македонија по пат на јавно наддавање и исто толку договори беа склучени со најповолните понудувачи. Од отуѓеното земјиште во 2011 година се собрани средства во висина од приближно 12,5 милиони евра, од кои 80% се слеваат во општинскиот буџет, а останатите 20% во Буџетот на Македонија. Во Министерството е формирана посебна група од десетина вработени кои ја следат реализацијата на договорите кои се склучени со инвеститорите. Имаме воспоставено посебен софтвер кој алармира кога истекува рокот за добивање одобрение за градење и ние тогаш праќаме писма до општините и до самите инвеститори, бидејќи дел од општините нецелосно ги почитуваат сите рокови кои се утврдени во Законот за градење. На пример, од некаква причина можно е да се изменил деталниот урбанистички план или на барање од инвеститорот не е одговорено во потребниот рок, се чека за согласност за приклучок на електрична или на комунална инфраструктура, одобрување на сообраќајното решение и слично, што често ги одолжува целокупните постапки за изградба. Кога ќе се утврди дека рокот е пробиен без вина на инвеститорот, тогаш согласно законот и одредбите од договорот, рокот се продолжува. Од јули минатата година единиците на локалната самоуправа имаат законска можност да управуваат со постапките за отуѓување на земјиштето по пат на јавно наддавање и досега вкупно 27 општини самите управуваат со градежното неизградено земјиште, откако ги исполниле потребните законски услови. Очекувам бројот на општини кои ќе го преземат овој процес во иднина да се зголеми и тоа е добро, затоа што сега еден инвеститор ќе може целокупниот проект – од идеја до реализација - односно целата постапка од купување земјиште до добивање градежно-техничка документација да ја води на едно место – во општината каде што се наоѓа земјиштето. Со реализирање на отуѓувањето на градежното земјиште по пат на јавно наддавање се овозможуваат нови инвестиции, односно изградба на хотели, катни гаражи, објекти за мало стопанство, винарници, индустриски објекти и стоваришта, големи трговски и угостителски единици, станбени згради, откупно-дистрибутивни центри, здравствени институции, викенд-куќи и семејни куќи. Јавните наддавања се одржуваат по електронски пат, со што е овозможено зголемување на транспарентноста и поедноставно спроведување на целиот процес.

До каде е проектот за гасификација на цела држава? Кои се вашите проекции, кога фирмите и домаќинствата ќе добијат гас?

Нашата цел е да изградиме национална магистрална гасоводна мрежа. Она што го утврди Владата пред две недели како приоритет е магистралниот гасовод од Клечовце до Неготино, во продолжение со ТЕЦ Неготино. Оваа гасоводна мрежа ќе поминува во близина на градот Штип и на градот Неготино. Веќе имав разговори со градоначалниците на овие два града, во кои им укажав на тоа дека веќе е време да почнат со изработка на физибилити-студија, идејни и главни проекти за развој на локалната гасоводна мрежа. Руската Федерација веќе е информирана за овој наш приоритет, а сето тоа е резултат на долгите преговори кои беа водени во изминатиот период. Сега очекуваме од нивна страна да добиеме финална понуда, а потоа двете национални собранија ќе треба да го усвојат договорот што ќе се склучи меѓу Македонија и Русија, а откако ќе се усвои договорот, тогаш веќе ќе може да почне и изградбата. Речиси секој ден имам состанок на техничко ниво, каде што во оваа фаза веќе очекувам наскоро да започнеме со експропријација на земјиштето. Готови се проектите, така што се подготвуваме и очекувам во текот на оваа година да започне изградбата на овој магистрален гасоводен систем, а понатаму за останатите правци од гасоводот за кои веќе сме во разговори и сите потребни документи ги доставуваме до Европската инвестициска банка. Следен документ што треба да го предадеме е студијата за влијанието на животната средина, која ќе биде готова до 20 март.

Во собраниска процедура се измените на Законот за градежно земјиште, кои предвидуваат укинување на рокот за изградба на објекти на државни парцели продадени во непосредна спогодба. Зошто се прават вакви измени и дали со ова се амнестираат инвеститорите кои доцнат со роковите за изградба на објектите?

Роковите се утврдени со Законот за градење, значи Законот за градежно земјиште воопшто не ги третира роковите. Според Законот, земјиштето се продава по пат на јавно наддавање, а непосредните спогодби се склучуваат само за земјиште каде што е предвидена изградба на објекти од јавен интерес – училишта, болници, верски објекти, дипломатско-конзуларни претставништва итн. Исто така, доколку некое физичко или правно лице има сопственост над 30% од определена градежна парцела, тогаш истото има предимство на купување на останатиот дел од земјиштето или пак, во случај некој да е косопственик на земјиштето, што е новина во Законот – доколку на една парцела косопственици се и државата и некое физичко или правно лице. Во овие случаи не може да има јавно наддавање, а за сите други локации распишуваме јавни објави за пријавување јавно наддавање. Инаку, роковите за изградба се утврдени со Законот за градење и тие остануваат исти, а со измените на Законот само се утврдува нова форма, односно наместо раскинување на договорите, ќе се плаќаат пенали за секое задоцнување.

Со години се најавува модернизација на железницата и изградба на пруга кон Бугарија. Но, од ова сè уште нема ништо. Зошто железничката инфраструктура не е приоритет на Владата?

Согласно Националната програма за работа во железничкиот сектор 2011-2013 година, во текот на годината која изминува, но и во наредните години ја продолжуваме својата континуирана и посветена работа со цел исполнување на ветените проекти, преку кои значително ќе се подобри железничкиот сообраќај во Македонија. Исто така, веќе се почнати активности за реализација на проектот за рехабилитација и надградба на железничката станица во Скопје, со што главниот град ќе добие современа и репрезентативна железничка станица, согласно сите стандарди, а пред сè, ќе овозможува непречен пристап и движење на лицата со тешкотии во движењето. Во тек е постапката за изготвување проектни студии и проектни документации за ремонт на пругите на три железнички делници долж Коридорот 10 и кракот на Коридорот 10, проект кој опфаќа изработка на главни проекти за делниците Битола-Кременица и Куманово-Дељадровце, по што истите ќе бидат подготвени за изградба. За таа цел, годинава е планирано започнување градежни работи за ремонт на делниците долж Коридорот 10 и тоа Табановце-Куманово и Миравци-Смоквица, како и ремонт на делницата Ногаевци-Неготино. За изведување на градежните работи веќе се обезбедени средства од Европската банка за обнова и развој во висина од 17,6 милиони евра. За разлика од порано, веќе не е неизвесно почнувањето со изградба на железничкиот дел од Коридорот 8, односно железничкото поврзување со Бугарија и со Албанија, што за оваа влада е еден од приоритетните проекти во областа на инфраструктурата. Повеќе пати истакнав дека ми е жал што до 2006 година, откако реално почнаа да се движат работите во позитивна насока, никој немаше преземено каков било чекор за да се комплетираат работите, со цел почнување на градбата. За делот од Куманово до Белјаковце во тек е склучување договор со консултантска куќа која ќе ги изработува проектите, а за проектите до самата граница со Република Бугарија во тек се преговори со инструментот WBIF, во насока на обезбедување средства за изработка на инвестициско-техничка документација. Исто така, Министерството за транспорт и врски, во соработка со Министерството за финансии, е во фаза на преговори со меѓународни финансиски институции за рехабилитација на делницата Куманово–Белјаковце и изградбата на пругата од Белјаковце до самата граница. Во следниот период ќе имам состанок со мојот бугарски колега и на тој состанок ќе ги презентираме нашите цели и ќе ја истакнеме динамиката која ја имаме утврдено. Ваков состанок веќе беше одржан на техничко ниво. Нашата цел е во 2014 година да почнеме со изградба доколку ја имаме неопходната поддршка од Европската комисија, ЕБРД и од ЕИБ, а за да се реализира ова потребни се инвестиции и од страната на Република Бугарија. Моја цел е да испратиме едно заедничко писмо на министрите за транспорт на Бугарија и Македонија до Европската комисија дека имаме заедничка заложба за изградба на Коридорот 8.

Владата најави субвенционирање на авиокомпаниите. Кога ќе се реализира овој проект и по кој принцип ќе се делат субвенции на авиокомпаниите? И зошто државата дели субвенции, воопшто, кога ТАВ при влезот вети дека ќе го развива авиосообраќајот?

Дали сметате дека сега Македонија е доволно поврзана со светските метрополи и дека висината на цените на авиобилетите е добра? Ние не сметаме дека е така. И како што е практика во голем број од земјите во регионот, сметаме дека ова е вистинскиот момент за еден ваков проект. Ние нема средствата да ги даваме на концесионерот. Тоа е грешно толкување во јавноста. Ние ќе ги субвенционираме авиокомпаниите коишто ќе нудат нови дестинации и поевтини карти за граѓаните на Македонија. Финансиската поддршка ќе се определува врз основа на утврдена постапка и врз следните критериуми: зголемување на фреквенцијата на летови на одредена дестинација, воведување нови дестинации, зголемување на бројот на патници и исполнување на условите за вршење јавен воздушен превоз согласно овој закон. За определување на финансиската поддршка Владата донесува тригодишна програма по претходно добиено мислење од Министерството за финансии и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Начинот, поблиските критериуми и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка ги утврдува Владата.

Зошто се чува во тајност концесискиот договор со ТАВ за македонските аеродроми? Што е тоа што е толку чувствително во него?

Не се чува во тајност. Договорот за концесија на аеродромскиот систем претставува меѓународен приватно-правен договор и затоа не е јавно објавуван, што не значи дека истиот е врвна тајна. Станува збор за обемна документација која содржи голем број технички одредби со кои ние како држава го уредуваме нашиот однос со приватниот холдинг кој е концесионер.

Сметате ли дека договорот со Тарбс, потпишан во 2002 година, бил штетен сам по себе за Македонија или за вас е спорен само анексот од 2006 година, со кој договорот е продолжен за три години по барање на Тарбс, поради тоа што исто толку долго македонската страна го попречувала неговото реализирање?

Најпрвин би сакал да истакнам дека во изминатиот период колку што трае судската постапка, шпекулациите изнесени во одредени медиуми, всушност, беа ставовите на тужителот. Во врска со ова, во неколку пригоди Министерството испрати и деманти до одредени печатени медиуми, кои нецелосно или за жал, воопшто и не беа објавени. Интересно е и тоа што овие шпекулации по медиумите доаѓаат периодично и за жал, уште еднаш ќе потенцирам, го рефлектираат само ставот на тужителот. Моја должност како министер е да вложам максимални напори со помош на реномираната адвокатска куќа од Лондон, Херберт Смит (Herbert Smith), ангажирана за овој спор од страна на Министерството и Владата, да ги заштитам интересите на Република Македонија. Исто така, секогаш кога се зборува за овој случај се употребува изразот фирмата Тарбс. Сакам да дадам едно појаснување за читателите. Имено, договорот од 2002 година е склучен со фирмата Тарбс Австралија, а тужителот во судот во Лондон е фирмата Тарбс Европа. Без да се впуштам во понатамошна расправа, а во интерес на постапката, сакам да истакнам дека тоа се два сосема различни правни субјекти.Мора да потенцирам дека за Владата и за Министерството за транспорт и врски, како нејзин дел, е неспорно дека во 2006 година не е склучен никаков анекс на договор, туку само имало преговори кои, пред сè поради негативното мислење на Министерството за финансии, не резултирале со склучување договор. За ова прашање имаме јасна фактичка состојба и истата е потврдена со правниот совет од адвокатската фирма која ја застапува Владата на Р.Македонија и Министерството за транспорт и врски пред судот во Лондон. Што се однесува до реализацијата на договорот, во кој, како и во секој друг договор, и двете страни имаат и права и обврски, сметаме дека Владата не ја попречувала фирмата Тарбс Австралија да го реализира договорот од 2002 година. Конечно, јас не би се впуштал во оценка на штетноста на договорот склучен со фирмата Тарбс Австралија во 2002 година. Обврските на државата по овој договор кон Тарбс Австралија се реализирани во целост, што несомнено се потврдува и со тоа што во стечајната постапка на оваа фирма, која е отворена во Австралија во 2004 годна, а е завршена во 2005 година, не е пријавено никакво побарување по основ на договорот од 2002 година.

Зошто пропадна обидот за вонсудско решение на спорот што се води во Лондон, за кој се шпекулираше дека од македонска страна ќе го води вицепремиерот Пешевски?

Како што и самите напоменувате, за оваа опција само се шпекулираше и јас можам да зборувам за она што ние како министерство го преземаме во оваа судска постапка. П: Вицепремиерот Пешевски во изјава за “Капитал“ откри дека македонската страна во спорот ќе се обиде пред судот да докаже дека проценката за штетата со која Тарбс настапува во тужбата е необјективна, односно преценета. Значи ли тоа дека тужените македонски институции признаваат вина и оти се подготвени да платат отштета, но не во висина од 72 милиони евра? -Македонската страна во спорот пред судот го оспори тужбеното барање од две причини. Прво, дека тоа е без правна основа и второ, оспорена е висината на тужбеното барање. Од ова јасно произлегува дека не може да стане збор за никакво признавање вина, а уште помалку за подготвеност за плаќање отштета.

Поднесе ли Министерството за транспорт и врски противтужба во спорот со Тарбс, како што тоа стори Македонската радио-телевизија?

Министерството за транспорт и врски во моментов нема никакви побарувања кон Тарбс Европа за кои би се одлучувало во судската постапка во Лондон. Останатите тужени субјекти се посебни правни лица и јас не би можел во нивно име да давам изјави. 

Зошто Министерството, односно Владата, како институции кои може да претрпат голема финансиска штета поради евентуална вина на поранешни нивни функционери, не побараат домашна истрага за случајот од Обвинителството?

Најпрвин, мора да имаме предвид дека спроведувањето на договорот со Тарбс Австралија почнало во 2002 година, речиси пред 10 години, и во него учествувале неколку владини кабинети. Министерството за транспорт и врски со расположливите информации се обрати до надлежни институции во Македонија, при што се покренати повеќе паралелни постапки. Во овој момент, поради комплицираноста на случајот, најголем број од покренатите иницијативи зависат од исходот на судскиот спор во Лондон.

За минатата година ја најавивте продажбата на Македонска пошта. Консултантската куќа КПМГ достави предлог-модел за делумна приватизација на претпријатието. До каде е процесот?

Причината зошто станува збор за делумна приватизација на Македонска пошта е доминантниот сопственик да остане Р.Македонија. Идејата е Македонска пошта да почне со приватизација на 20% на акциите и со докапитализација да се дојде до 49%, каде што државата би ја имала златната акција и би била доминантен сопственик. Ова го правиме бидејќи во регионот се случува глобализација на пазарот, исто нешто што се случуваше пред десетина години на пазарот на телекомуникации. Значи, големите пошти, моќните пошти веќе влегуваат на пазарите и доколку ние не привлечеме некој таков стратешки инвеститор, се поставува опасноста поштата да остане како слеп орган во Македонија и со модерните технологии е прашање на време кога поштата, како институт за комуникација меѓу луѓето, односно комуникацијата со писма полека ќе изумре. Затоа, ние бараме стратешки инвеститор кој во делот на поштите ќе донесе експертиза и знаење, но и линк до меѓународните пазари. Во оваа фаза имаме конкретни дефинирани точки кои мора да се поминат за да почне постапката на делумна приватизација. Еден дел е завршување на делбениот биланс меѓу поштата и телекомот, кои претходно биле едно претпријатите, ПТТ, и истиот не е направен до крај. Треба прво да заврши делбениот биланс за точно да се утврди кој е имотот на Македонска пошта и има други активности што следуваат, како процент на акциите на вработените, односите меѓу Поштенска банка и Македонска пошта и кога ќе се затворат сите тие односи, бидејќи сакаме да имаме чисти односи, по што би можел да почне процесот на делумна приватизација и очекувам дека оваа година сите тие услови ќе се исполнат и дека ќе започне тој процес, а целта е тоа Македонска пошта да влезе во глобалните трендови на развојот на поштенските услуги.

Извор: „Капитал“

Новинари: Александра Спасевска, Максим Риостески

 

 

 

 

 

 

Категорија: