Средба на премиерот Груевски со Аиво Орав, шеф на Мисијата на ЕУ во Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со новиот шеф на Мисијата на ЕУ во Република Македонија, г-дин Аиво Орав.

Претседателот Груевски на почетокот му изрази честитки на амбасадорот Орав за преземањето на неговата нова функција во Република Македонија, при што истакна дека ќе има целосна поддршка лично од него, како и од Владата на Република Македонија, со цел да се овозможи отворена, динамична и блиска комуникација и соработка помеѓу Владата и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Во тој контекст, претседателот на Владата истакна увереност дека професионалното искуство на амбасадорот Орав, како и неговите познавања на процесот на проширување на ЕУ, во голема мерка ќе придонесат во заедничките напори за исполнување на стратешката цел на Република Македонија, полноправното членство во Европската Унија.

Притоа претседателот Груевски истакна дека кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ во случајот на Република Македонија треба да се зачува, при што посочи дека не постои ниту еден рационален аргумент за одложување на почетокот на пристапните преговори на Република Македонија за членство во Европската Унија.

Претседателот Груевски го информираше амбасадорот Орав дека Република Македонија останува целосно посветена на процесот што се води во Обединетите нации во однос на разликите за името наметнати од Република Грција, изразувајќи отвореност за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.

Воедно, претседателот на Владата ја реафирмираше посветеноста за продолжување на реформскиот процес во Република Македонија согласно приоритетите и стандардите на Европската Унија.