Средба на министерот Попоски со адмирал Џејмс Ставридис

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го прими Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО - Европа, адмиралот Џејмс Ставридис, кој се наоѓа во дводневна посета во нашата земја.

Министерот Попоски и Адмиралот Ставридис размениле мислења за соработката на нашата земја со Алијансата, имплементацијата на Акцискиот план за членство во НАТО, за учеството на Република Македонија во меѓународните воени мисии предводени од Алијансата, како и за активностите во рамки на регионалната соработка.

Министерот Попоски, соопшти денеска МНР, истакнал дека членството во НАТО и натаму претставува еден од највисоките надворешно-политички приоритети на нашата земја. Во тој контекст, го запознал Ставридис со текот на имплементацијата на Акциониот план за членство за 2011-2012 година, изразувајќи уверување дека Република Македонија ќе заокружи уште еден успешен циклус од овој процес.

Шефот на македонската дипломатија ја реафирмирал посветеноста на Република Македонија кон натамошен придонес во мисијата ИСАФ во Авганистан, подвлекувајќи ја определбата за учество во оваа мисија се додека тоа е потребно.

Заблагодарувајќи се за значајниот придонес на Република Македонија во ИСАФ,  Адмиралот Ставридис истакнал дека НАТО високо ја вреднува посветеноста на нашата земја за придонес кон напорите на Алијансата за справување со глобалните и современите безбедносни предизвици. Притоа, високо ги оценил подготвеноста и перформансите на македонските сили кои учествуваат во сложени воени операции во Авганистан, што е доказ за постигната висока компатибилност и интероперативност со силите на другите земји-членки на Алијансата.

На интерес на Адмиралот Ставридис, соопшти МНР, Попоски ги образложил аргументите на Република Македонија за што побрзо зачленување на Република Македонија во НАТО, подвлекувајќи ги евидентните придобивки од членството на нашата земја во НАТО, како за Алијансата, така и за Грција и регионот во целина.

Во разговорот биле опфатени и прашања кои се очекува да бидат приоритетни теми на агендата на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго, како концептот за „паметна одбрана“, кризниот менаџмент, справувањето со современите безбедносни предизвици и други теми согласно новиот стратешки концепт на НАТО.

Министерот Попоски во тој контекст посебно го издвоил конкретниот придонес на Република Македонија, заедно со партнерите од Јадранската Повелба, кон концептот за „паметна одбрана“, демонстриран преку регионалната соработка и заедничкиот ангажман во воспоставувањето на Воената полициска школа во Авганистан.