Средба на премиерот Груевски со првите луѓе на турски „Лимак холдинг“

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со делегација на турската компанија “Лимак холдинг” предводена од претседателот на бордот, г-дин Нихат Оздемир.

На средбата се разговараше за договорот кој што турскиот инвеститор “Лимак холдинг” го склучи со Градот Скопје за реализација на проектот за изградба на подземна сообраќајница на Јужниот булевар во Скопје, како и за други можности за инвестиции на оваа огромна турска компанија во Македонија.

Премиерот Груевски го поздрави потпишувањето на договорот, при што истакна дека неговата реализација ќе претставува еден од најзначајните капитални проекти во историјата на Скопје.

Воедно, премиерот им презентираше на претставниците на “Лимак холдинг” и други потенцијални можности за нивни инвестиции во Република Македонија, особено во енергетскиот сектор, патната инфраструктура, туризмот и земјоделството, со оглед на тоа што станува збор за области кои веќе се дел од портфолиото на “Лимак холдинг” во други земји.

Претседателот на бордот, г-дин Нихат Оздемир, му се заблагодари на премиерот Груевски за целокупната поддршка што ја добиле од државните институции за реализацијата на нивниот проект во Скопје и изрази огромно задоволство од можноста што неговата компанија ја има да реализира една ваква крупна инвестиција во Македонија.

Тој истакна дека овој проект е од огромно значење за нивната компанија и дека со него првенствено ќе се добие едно современо сообраќајно решение кое ќе овозможи значително побрз проток на возилата, а ќе се добијат и бројни нови содржини над тој простор со изградба на светски бренд на хотел, огромен трговски центар, станбени згради и деловен простор.

Двајцата соговорници изразија увереност дека овој проект ќе претставува поттик и за други инвестиции на “Лимак холдинг” во Република Македонија.