Средба на министерот Бесими со адмиралот Ставридис, командант на Сојузничката команда на НАТО за операции

Патот кон НАТО е значаен за Република Македонија, за стабилноста на земјата и на регионот, а успехот во евроатлантските интеграции на земјите од регионот е успех и за Алијансата, е заклучокот од денешната средба на министерот за одбрана Фатмир Бесими со aдмирал Џејмс Ставридис, командант на Сојузничката команда на НАТО за операции, кој се наоѓа во дводневна официјална пoсета на Република Македонија.

Реформите во одбраната и новата формациска структура на АРМ, исполнување на партнерските цели заеднички поставени со земјите - членеки на НАТО на среднорочен и долгорочен план, како и предвидениот буџет за развој на одбраната, вклучувајќи ја модернизацијата на АРМ, беа темите во фокусот на разговорите на министерот Бесими и адмиралот Ставридис. На средбата, покрај прашањата за реформите во одбраната на патот кон членството во НАТО и регионалната соработка, за што е добиена поддршка, е дискутирано и за учеството на Македонија во меѓународните мировни мисии предводени од Алијансата, согласно принципот „заедно во, заедно надвор“.

- Се додека НАТО е присутен во меѓународните мисии, Република Македонија останува како кредибилен партнер на Алијансата, изјави министерот Бесими по средбата со адмиралот Ставридис.

Ставридис потенцира дека кога се работи заедно се зајакнува стратешкото партнерство и затоа смета дека треба да продолжиме да работиме заедно во соочување со предизвиците кои ги носи 21 век.

- Имавме можност да разговараме за многу прашања, меѓу кои и продолжување на градењето на стратешкото партнерство. Сакам да ве пофалам за вашиот успех и напредок во земјата на патот кон членството во НАТО, рече Ставридис, заблагодарувајќи му се на министерот Бесими, но и на сите, како што рече, храбри војници од АРМ во мировната мисија во Авганистан.

Адмирал Џејмс Ставридис, како што е најавено, ќе биде примен од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од премиерот Никола Груевски, а ќе има средба и со министерот за надворешни работи Никола Поповски.

Здружена команда за операции е одговорна за НАТО-предводените операции, а нејзината мисија е да подготвува, да планира и да извршува операции со цел да се достигнат политичките цели на Алијансата. Воедно таа е стратешка команда која под себе има потчинети оперативни команди.

 

Категорија: