Почнува проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието

Информирање на јавноста и заедниците со цел подигнување на свеста за значењето на интегрираното образование, оспособување на наставниците, раководството и управата во училиштата и вработените во општините, создавање модел на училишта, обезбедување стимул за училиштата и локалните заедници и реновирање на 40 училишни објекти, се компонентите преку кои ќе биде спроведен четиригодишниот проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

Проектот е четиригодишна иницијатива вредна 5,2 милиони долари кофинансирана од УСАИД и Европската команда на САД, и има за цел да поттикне градење свесност и да обезбеди обуки, техничка помош и стимул за училишните одбори, директорите, наставниците и за одговорните во општините за образование.

Брајан Агелер од Амбасадата на САД во обраќањетио пред присутните рече дека прифаќањето на различноста на другите и почитта кон културите, јазиците и етничкото потекло е од суштинска важност за безбедноста и просперитетот на една заедница и една земја.

- Моите колеги во Амбасадата и од меѓународната заедница во Скопје се многу разочарани и загрижени од насилните настани минатата недела. За таквите криминални дела нема место во едно слободно општество и тие мора да бидат казнети во согласност со законот. Тие укажуваат на итната потреба од проекти токму како овој кој промовира меѓуетничка хармонија во Македонија, истакна Агелер.

Ги поддржуваме, посочи тој, забелешките на премиерот Груевски и повеќе политички лидери кои апелираат до сите страни да останат смирени и да работат на остварување на мирен соживот.

Агелер рече дека проектот ќе го имплементира Македонскиот центар за граѓанско образование во партнерство со неколку други организации. 

Според него, јасната комуникација со родителите и со другите во заедницата околу придобивките од овие програми за децата е важен аспект на овој проект.

- Се надеваме дека преку овој проект ќе помогнеме во промовирањето на меѓуетничката интеграција и ќе ја подигнеме свеста кај учениците, наставниците, училишната управа и кај пошироката заедница, додаде Агелер.

Вицепремиерот Муса Џафери истакна дека за насилните инциденти како оние кои се случија изминатите денови нема место во општеството.

- Го изразувам нашето жалење за жртвите без разлика од која заедница се. Тоа се криминални акти и ќе се третираат како такви. Македонија има една горда традиција на мирен соживот кој датира не само со децении туку и векови. Ние ќе изградиме една блескава иднина за сите граѓани на државата врз основа на овој принцип, а не врз основа на криминални акти на една мала група на индивидуи, рече Џафери.

Верувам, укажа тој, заедно можеме да се согласиме за важноста на интегирирањето во сферата на образованието во промовирањето на атмосфера на меѓусебно разбирање и почит меѓу индивидуите и заедниците што ќе и овозможи на Македонија максимално да го искористи својот културен диверзитет.

- Меѓуетничката хармонија треба да почне уште од дома, а потоа да се шири во заедницата. Сите заедно треба да работиме заеднички за да обезбедиме добра иднина за сите деца без разлика на нивната етничка припадност и квалитетно образование, додаде Џафери.

Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека во услови на постојани промени и реформи, кога Македонија креира одржлива политика на културна разноликост, мултиетничката димензија на образованието се наметнува како една од приоритетните.

- Во тој контекст, меѓуетничкото интегирано образование останува одговор на предизвикот да се обезбеди квалитетно образование за сите, како и да се зајакне почитувањето кон човековите права и слободи, додаде Кралев.