Министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, на бизнис форум насловен ”Ден на Југоисточна Европа“, во Кемниц, Германија

Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески, денеска (понеделник, 12 март 2012 година) учествуваше на бизнис форумот насловен ”Ден на Југоисточна Европа“, кој во организација на германската Стопанска комора, се одржува во Кемниц, Сојузна Република Германија.

Министерот Бил Павлески во обраќањето пред присутните  се осврна на глобалните бизнис трендови, нивното влијание на конкурентноста на германските компании и на Република Македонија, како идеална локација, која нуди најповолни фискални, даночни и оперативни  можности со што се подобруваат економиите на компаниите, правејќи ги поконкурентни и попрофитабилни на глобалниот пазар.

Министерот Павлески го претстави неговиот комерцијален бизнис план Америка – Европа – Азија, глобален рамен пазар, што е именуван од Wall Street Journal и Harvard Busniss School, и неговото влијание врз германските компании. Тој ги повика германските бизнисмени да ја посетат Македонија, да ги искористат нејзините компаративни предности и да инвестираат. 

Министерот Павлески ја претстави Република Македонија како растечка европска економија која е трет бизнис реформатор во светот според реномираниот „Doing Business“ извештај на Светската банка. Запознавајќи ги инвеститорите со економските политики и инвестициските можности, Министерот се осврна на макроекономската стабилност, поволниот даночен систем, современите административни и регулаторни реформи, како и вложувањето на Владата во образованието и во активните мерки за зголемување на вештините на работната сила.

Покрај тоа, министерот Павлески ги образложи поволностите во технолошко-индустриските развојни зони и ги истакна локациските, транспортните и логистичките предности кои Македонија ги нуди на потенцијалните инвеститори.

На Форумот беа присутни претставници на 40-тина компании од автомобилската и земјоделската индустрија, градежништвото, рударството, животната средина и управувањето со ресурси, управување со геотермална енергија и производство на биомаси.

Министерот Павлески ќе оствари директни средби со менаџерите на неколку заинтересирани германски компании.