Груевски: Нечесно, нехрабро и незаконско однесување, сторителите ќе бидат казнети

Премиерот Никола Груевски ги осуди инцидентите што деновиве се случија во Скопје и во други градови во Македонија и апелираше до сите субјекти да го почитуваат соживотот. Истакна дека насилното однесување е нечесно и незаконски и дека сторителите ќе бидат казнети.

- Најпрво да го осудам однесувањето на некои луѓе што непромислено ги преземаат тие чекори. Тоа е нехрабро и нечесно и незаконски. Апелирам до сите да се воздржат од такви работи и да влијаат на младите луѓе и нивните родители и наставници да делуваат во правец на разумно однесување на младите луѓе. Знам дека тие имаат вишок енергија, но добро е неа  да ја трошат во позитивни, креативни работи, а не во нарушување на мирот и спокојството на граѓаните, изјави Груевски.

Тој ги повика и политичките субјекти да не ја злоупoтребуваат ситуацијата и, како што рече,  да не одат со говор на омраза, со говор кој индиректно или директно ги охрабрува  некои млади структури кои на ваков начин ја исфрлаат својата негативна енергија. На тој начин, додаде премиерот,  не придонесуваат да дојдат на власт, туку придонесуваат за нив да се создаде полоша слика како политички субјекти.

- Апелирам до сите - и политичките и неполитичките субјекти, индивидуалци, граѓани, наставници, професори, родители, но и до младите луѓе, да се однесуваат разумно и во духот на она што го градиме со години, со децении, па и со векови, а тоа е соживотот во Македонија, заедничкото живеење и помагање, нагласи премиерот.

Груевски рече и дека Министерството за внатрешни работи и државните надлежни институции ќе ги преземат сите мерки за казнување  на сторителите и нивно изнесување пред лицето на правдата.