Груевски: Македонија може да биде влез кон Европа за индиските компании

Компании од автомобилската, керамичката, електрониката и земјоделството покажале интерес за инвестирање  во Македонија за време на престојот на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски во Индија каде што присуствуваа на четири бизнис форуми и остварија повеќе поединечни средби со претставници на индиски компании.

- Одржавме две презентации во главниот град Њу Делхи и една во Пуне каде што е центарот на индиската автомобилска индустрија, и денеска во Бомбај кој е практично е главниот град на бизнисот во Индија. Градот има околу 30 милиони жители и во него се стационирани многу компании, многу фабрики и има многу голем потенцијал за развој на економијата, изјави премиерот Груевски. 

Тој додаде дека на форумите беа присутни меѓу 300 и 350 компании кои имаа можност да слушнат во детали за предностите за правење бизнис во Македонија и да постават прашања за одредени детали, како и тоа дека имало интерес и за посебни средби. Некои биле од информативен карактер, меѓутоа, пососчува, многу од нив се веќе со мисла и со идеја во наредните месеци, година или две да инвестираат во Република Македонија.

- Никогаш нема инвестирање од денес за утре. Секогаш се прави детална анализа, компаниите потоа доаѓаат во земјата или испраќаат свои претставници, тие го истражуваат пазарот по што по одреден период донесуваат или не донесуваат одлука за инвестирање, рече Груевски.

Тој изрази надеж дека оваа посета и четирите презентации во Индија ќе дадат свој резултат и посочи дека значајно е и тоа што имало и релативно добро медиумско покривање. Тоа, како што наведе, дава една друга димензија затоа што ако на овие средби дојдоа одреден број компании преку медиумското претставување, преку интервјуата и изјавите што ги дававме огромен број други компании во Индија можеа да го слушнат гласот за Македонија, да слушнат повеќе информации за земјата и да сфатат дека таа навистина може да им биде влез во Европа,  каде што има од една страна ниски трошоци за правење бизнис со висококвалификувана работна сила, а од друга страна држава која што на прв поглед иако е мала со два милиона жители сепак со сите договори за слободна трговија што ги има склучено со цела Европа практично може да се покрива пазар од 650 милиони жители.

Премиерот потенцира дека многу од информациите што ги презентираа пред индиските бизнисмени наидоа на многу позивитен оддек, затоа што одредени работи што Македонија ги нуди, во Индија ги нема.

- Чекорите што ги направивме во последните години во однос на намалување на даноци, намалување бирократија, воведување електронски катастри навистина ни даваат огромен материјал кој можеме да го презентираме и да привлечеме инвеститори кои би отвориле нови работни места во Република Македонија, истакна Груевски.

Домаќин на владината делегација за време на престојот во Индија беше една од најголемите индиски компании Сахара Груп.

Сушанто Рој од Сахара Индиа Паривар изрази задоволство од она што можеле да го видат и слушнат во изминатите денови и посочи дека имало огромен интерес кај бизнис заедницата од Индија.

- Ние како компанија планираме  наскоро да ја посетиме Македонија и да ги видиме можностите што ги нуди и да воспоставиме бизнис релации. Нашите врски со Македонија се многу стари бидејќи Мајка Тереза потекнува од таму и како претставник од Македонија најголемиот дел од животот го мина во Индија. Мислам дека сега е дојдено времето ние да одиме во Македонија, изјави Рој.

Економкста презентација на Македонија од Индија утре продолжува во Малезија.