Изменети уредбите за изработка на елаборати за заштита на животната средина

Со измените на уредбите за изработка на елаборати за заштита на животната средина дел од активностите на општините се избришани, а дел се префрлени на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Како што информира денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, укинати се 23 отсто од активностите, а седум се префрлени на Министерството, бидејќи општините немаат капацитети да ги изработат.

- Измените на уредбите одат во правец на отстранување на административни бариери за изработка на елаборати за оние дејности и активности кои поради малиот обем нема да предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина, појасни Адеми.

По барање на ЗЕЛС, додаде тој, Министерството пристапи кон измените на уредбите со цел изземање на дел од дејностите од нивна надлежност заради непоседување на капацитети на општините за нивно разгледување, како и за изземање на дел од активностите кои реално не предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина.

Извршниот директор на ЗЕЛС, Душица Перишиќ најави дека во иднина ќе работат на изработка на софтверска апликација за електронско издавање на Б интегрирани дозволи, што ќе им помогне на корисниците и на општините.

- Заедно со електронското издавање на градежните дозволи ќе успееме Македонија да ја донесеме на една од повисоките позиции не само во Европа, туку и во светот за користење на интернет и олеснување на пристапи и услуги кои ги даваат општините, рече Перишиќ.