Премиерот Никола Груевски во Њу Делхи ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија

Владината економска делегација предводена од премиерот Груевски денеска, во Њу Делхи присуствуваше на првиот бизнис форум организиран од Конфедерацијата на индиската индустрија, Асоцијацијата на стопански комори на Индија и Федерацијата на индиските стопански комори за трговија и индустрија, на кој учествуваа над 120 индиски компании.

Премиерот во своето обраќање ја акцентираше големината на индиската економија, нејзиниот раст за 20 пати во 2 децении, и за два пати зголеменото учеството на индискиот извоз на добра и услуги во глобалниот извоз, како и индискиот извоз на капитал.

Премиерот истакна дека „Митал Стил“, „Самвардана Мадерсон Груп“ и „Бинани групацијата“ се индиски инвестиции во Македонија , кои имаат одлични искуства во водењето бизнис.

Тој се осврна и на реформите на деловното окружување во изминатите 6 години, и вреднувањето на истите од страна на  реномираниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година, и ги запозна инвеститорите со економските политики и инвестициските можности.  Се задржа на макроекономските резултати, просечна стапка на инфлација од 2,5% во изминатава деценија, либерализираната надворешна трговија и непречениот пристап до над 650 милиони потрошувачи. Беа споменати политиката на низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, а беше потенциран и низок  рамен данок од 10% за персоналниот доход и за добивката, ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, и инвестициите од од 6% од БДП во образованието.

Премиерот Груевски ги повика индиските бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности, и вети дека владините институции ќе излезат во пресрет и ќе обезбедат максимална поддршка за реализација на инвестициите и деловните потфати со македонските компании.

На Форумот свои обраќања имаа г-дин Агарвал, претседавач со Комитетот за пазар на капитал на Асоцијацијата на стопански комори на Индија, г-дин Девин Наранг, претседавач на Федерацијата на  индиските стопански комори за трговија и индустрија, г-дин Шри Ганапати, владин секретар за западни земји во Министерството за надворешни работи, кои изразија задоволство што за прв пат учествуваат на настан на кој што се презентираат македонските потенцијали во Индија, и истакнаа дека брзорастечката индиска економија постојано гледа можности за интернационализација на своето производство и услуги и во тој контекст гледаат на потребата за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји.

Презентација имаше и заменик претседателот Зоран Ставрески кој зборуваше за зголемување на конкурентноста на македонската економија, особено во делот на фискалната политика , за регулаторната гилотиња, и можностите за инвестиции во инфраструктурата и енергетскиот сектор, како и доброто справувањето со предизвиците кои доаѓаат од должничката криза во Европа, што е потврдено и од светските агенции за кредитен рејтинг.

Презентации имаа и министерот Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо кои во детали ги запознаа индиските бизнисмени со деловното опкружување и компаративните предности во повеќе области што Македонија ги нуди. 

Премиерот Груевски и министерот Ставрески остварија и тет-а-тет средби со неколку заинтересирани индиски компании.

Владината делегација од тука заминува на уште еден бизнис форум во Њу Делхи кој што е во организација на групацијата Сахара Индиа Паривар.