Арифи учествуваше на дебата за тоа дали 2012 може да биде успешна година

Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски  прашања Теута Арифи денеска се обрати на дебатата насловена „Дали можеме 2012 година да ја претвориме во година на успех?“.

Во своето излагање вицепремиерката Арифи истакна дека европската интеграција на Република Македонија е стратешка цел на земјата од нејзиното осамостојување која ја поддржуваат сите политички партии, граѓанското општество и најважно од се граѓаните. Затоа,  Владата си го постави членството во ЕУ како врвен приоритет. Но, од друга страна, како што рече Арифи, знаејќи дека тоа е условено со исполнување на Копенхашките критериуми, со посветеност и ентузијазам се работеше на воведување на европските стандарди во општеството, а позитивните резултати беа неминовни.

- За 10 дена ќе се отвори ново поглавје во односите меѓу Република Македонија и ЕУ со започнувањето на стратешкиот пристапен дијалог. Знаеме дека тоа не е замена за преговорите, но веруваме дека отворањето на две толку важни поглавја како што се поглавјата 23 и 24 ќе ни даде можност да покажеме дека сме одлучни да ги имплементираме реформите во осетливи области како што се судството и фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста, рече Арифи.

Вицепремиерката Арифи се осврна и на досегашните активности во областите кои ќе бидат опфатени со стратешкиот дијалог, особено во делот на слободата на изразување и унапредување на изборниот процес.

На дебатата која се одржа во Европскиот парламент, присуствуваа пратеници во ЕП, претставници на Европската комисија и на тинк-танк организации со седиште во Брисел. Дебатата беше организирана во соработка со европратеникот Ричард Ховит, известувач за Македонија во ЕП. 

Во рамки на престојот во Брисел вицепремиерката Арифи исто така оствари средби со Елмар Брок, претседавач на Комисијата за надворешна политика при Европскиот парламент, а попладне ќе оствари средба и со комесарот за проширување на Европската комисија Штефан Фуле.  

На средбата со Фуле ќе се разговара за подготовките и активностите за претстојниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската унија кој ќе се одржи на 15 март 2012 година во Скопје.