Средба на министерот Димовски со украинскиот амбасадор Јуриј Хончарук

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска се сретна со амбасадорот на Украина Јуриј Хончарук.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, на средбата стана збор за соработката во областа на земјоделството со посебен акцент на трговската размена на земјоделски производи меѓу двете земји.

Амбасадорот Хончарук го информира министерот Димовски за можностите за извоз на земјоделки производи во Украина посебно градинарските кои се многу барани на нивниот пазар. Исто така постои тенденција на зголемување на извозот на вино, но поради визниот режим има тешкотии. Оттука и извозните квоти остануваат неискористени.

Министерот Димовски му посочи на амбасадорот дека заинтересираните фирми за вложување во откупно-дистрибутивни центри имаат можност да добијат и државно земјоделско земјиште, а за обезбедување поволни услови за стопанисување подготвени се и голем број даночни олеснувања, како и можност за брзо регистрирање компанија.

Двајцата соговорници се осврнаа и на билатералната соработка меѓу двете земји во областа на карантинот и заштитата на растенијата согласно Меѓународната конвенција за заштита на растенијата. Со цел да се подобри заштитата на териториите од навлегување и ширење карантински и други опасни штетни организми, треба да се намалат загубите кои можат тие да ги предизвикаат, да се развијат трговските односи и да се реализира размена на растенија и растителни производи за што е подготвен договор за фитосанитарна соработка кој по усогласување од надлежните институции ќе биде потпишан од двете страни.