Отворени 9. Меѓународен саем за градежништво и 2. издание на Саемот за недвижности

Над 300 компании од градежниот сектор се претставуваат на 9. Меѓународен саем за градежништво, што беше отворен денеска на Скопски саем, а ќе трае до 10 овој месец. По втор пат,  оваа саемска манифестација е проследена со саем за недвижности, кој обединува повеќе изложувачи од оваа област од регионот.

- Градежништвото кое ја движи целата економија и повлекува работа во над 26 гранки  заклучно со третиот квартал лани споредено со истиот квартал во 2010 година бележи раст  од 11,3 проценти, е во фокусот на Владата во изминатите години, истакна на отворањето на  Саемот вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Според него, преземени се низа чекори за подобрување на состојбите во градежната област преку низа реформи, интервенции во законската регулатива и намалување на трошоците за работа и на цената за продажба на градежното земјиште. Тоа, укажа Пешевски, придонело Македонија во извештајот на Дуинг бинзис минатата година да биде рангирана како реформатор број еден.

Пешевски информира дека во изминатите пет години од градежното неизградено државно земјиште  се продадени парцели за изградба на 906 објекти за индивидуално домување, 280 објекти за индустрија,  70 за колективно домување, 56 за комерцијални и деловни објекти, 16 хотели 12 катни гаражи....

Следните чекори во оваа област, наброја, се носење закон за подземен катастар, воспоставување  електронски регистар на  изградени јавни  комуникациски мрежи, целосно предавање на надлежностите на општините за менаџирање со градежното неизградено земјиште,  електронско добивање одобренија за градење, електронска централна база на податоци за урбанистички планови.

Дел од учесниците на саемот, инвеститори во недвижности, се со очекувања за успешен бизнис и најава за понуда на станови со пониски цени и покрај повисоките цени за некои од парцелите на кои ќе градат. - Може да се платат и скапи  парцели и во периферијата на Скопје и пак да се направи една скромна добивка односно успешен бизнис, изјави Ванчо Чифлиганец, сопственик на „Адора инжинеринг“. Неговата фирма, како што рече, денеска преку јавно наддавање добила локација  во населбата Ново Лисиче во Општина Аеродром за изградба на 60 станови, при што за метар квадаретн понудила 305 евра од почетните 80 евра. Становите ќе се продаваат по 900 евра за метар квадратен,   а ќе бидат понудени преку проектот на Владата „Купи куќа, купи стан“.

Според Чифлиганец, побарувачката на пазарот за станови е нормална. За добрите и квалитетни станови, посочи, побарувачката и натаму ќе биде добра.

Од агенциите за недвижности што се претставуваат на саемот велат дека во изминатиот квартал забележале интерес за инвестирање во недвижности. Не очекуваат зголемување на цените на становите.

- Не очекувам голем раст на цените на становите. Цените генерално и во Македонија и во регионот се доста високи, така што очекуваме да останат на тоа ниво, изјави Хавиер Пинчарт, менаџер на агенцијата „Фортон“ МКА, дел од бугарската групација  AG Capital. 

Моментно, укажа, на пазарот има многу нови проекти што носи многу повеќе купувачи и понуда на услуги. - Гледаме понуди и во делот на малопродажба со нов трговски центар што треба да се отвори, што ќе отвори многу повеќе  бизнис активности како во регионот. Се случуваат многу повеќе работи што  носи дополнителен бенефит за сите и за купувачите и за тие што  продаваат, рече Пинчарт и додаде дека забалежуваат зголемување на бројот на инвестори. Претходниот период беше сосема мртов. Сега гледаме интерес од турските и од израелските инвеститори, со различни проекти, посочи Пинчарт. 

Посетителоте на двете саемски изданија до 10. овој месец можат да ги видат понудите на учесниците изложени во дворот на Скопски саем и во три саемски хали, на вкупна површина од 9.000 метри квадратни. Во саемскиот двор се изложени  производители на градежна механизација и скелиња. Во првата саемска хала се претставуваат градежни инвеститори и претставници на агенции за недвижности, втората хала е резервирана за изложување градежни материјали, а третата за санитарии. 

Саемските манифестации се проследени и со стручни конференции, трибини и тркалезни маси.