Лабораторија за остеодензитометрија пуштена во употреба во Заводот за физикална медицина и рехабилитација

Лабораторија за остеодензитометрија е пуштена денеска во употреба  во ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација во населбата Капиштец. Лабораторијата, чија вредност е 4,5 милиони денари, е набавена преку Проектот на Владата за формирање научно-истражувачки и апликативни лаборатории и опремата во неа служи за дијагностика на остеопорозата, нејзино рано откривање, контролни прегледи, следење на лекувањето на пациентите.

На пуштањето во употреба на лабораторијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и министрите за здравство и за образование, Никола Тодоров и Панче Кралев.

Специјалист-физијатар проф.д-р Ернета Николиќ Димитрова изјави дека опремата во лабораторијата се состои од апарат поврзан со компјутер во кој постои посебна програма, се прават снимања на двата колка, на лумбален рбет, на подлактица, односно на најчести места на кои настануваат компликациите од остеопорозата, а тоа се скршеници.

- Во лабораторијата ќе може да се дијагностицираат пациентите и тие ќе може да примаат соодветен третман, во смисла на медикаментозна терапија, едукација, исхрана богата со калциум и она што е важно да се дадат соодветен тип на вежби кои се многу битни како за подобрување и одржување на коскената густина, рече Николиќ Димитрова.  

На пациентите, истакна таа, можеме да им понудиме и одредени физикални процедури со кои може поволно да се влијае на коскеното ткиво во спречување на остеопорозата и за намалување на хроничната болка особено онаа во грбот кај овие пациенти.

- Во Заводот годишно се лекуваат околу 2.500 пациенти болнички од цела Македонија. Амбулантски се лекуваат околу 7.000 пациенти, додаде Николиќ Димитрова.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тодоров рече дека Заводот е пуштен во употреба во 60-тите години на минатиот век. Тој најави дека планираат во рамки на втората фаза на проектот поддржан од Банката на Советот на Европа во рамки на расположливите средства да се изврши реконструкција на најургентните делови на Заводот.

- Тоа ќе биде замена на прозорците кои се во лоша состојба и придонесуваат за лоша енергетска ефикасност на објектот и визуелно и естетски лошо делуваат. Ќе бидат преземени и други типови санации кои се неопходни во санитарните јазли и слично, додаде Тодоров.

Toj посочи дека секаде е потребен кадар и оти за тоа разговарал со министерот Кралев.

- Добивме 200 согласности за вработување кои претежно ќе бидат распределени на секундарно ниво и во внатрешноста на Републиката, иако ќе има дел во Скопје во Новата и Старата Градска болница. Идејата ми е да го зајакнеме секундарното ниво на здравствена заштита имајќи го предвид новиот начин на упатување и големата концентрација на пациенти, додаде Тодоров.