Новини за поголема транспарентност при вработување во администрацијата



Преку новини во тестирањето на кандидатите при вработување во државните институции  ќе се зголемува  транспарнетноста во овој процес. Ќе се применува и нов систем на мобилност од една во друга институција со што ќе се балансира суфицитот и дефицитот на кадрите.
Тоа го најави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски при денешната посета на Агенцијата за администрација.

Се планира да се унапреди софтверот за полагање на службениците, со побројни прашања во општиот или во практичниот дел. Секој кандидат ќе добие  посебни прашања од тој што ќе седи до него, но со иста тежина. Во Тест центарот, според Ивановски, ќе нема човек кој ќе набљудува. Ќе биде во соседната канцеларија,  а доколку  е потребна помош на некој од кандидатите ќе дојде да одговори на некои  прашања за да не дојде до недоразбирања и пореметувања во тестирањето.

Станува збор за транспарентен систем кој, според Ивановски се користи во повеќе држави и универзитети.

- Со оваа мерка се обидуваме да ги стимулираме сите кои ќе се кандидираат за работни позиции во администрацијата навистина да се подготват. Покрај двата теста за полагање, потребен е и висок просек на образование. Најдобрите што системот на транспарентен начин ќе ги испрати како кандидати  до институцијата која го објавила огласот за вработување, ќе имаат можност да  бидат интервјуирани од надлежни вработени во таа институција и еден да биде избран. Потоа тоа лице треба да помине и психолошки тест и тест за интегритет кој ќе стапи во сила од октомври годинава, изјави министерот Ивановски.

Според него, мобилноста од една во друга институција е една од мерките која се предвидува со цел да се балансира вработеноста затоа што имало сознанија дека  во некои институции на пример има суфицит на правници, а  некаде дефицит. - Со воведување на овој систем ќе може да се балансира тоа. На крај треба да се стигне до ниво кога потребата за вработување ќе биде по пензионирање на некој од вработените или барање од самата институција, изјави Ивановски.
Со новите регулативи кои ги наметнува Европската комисија за поефикасна админстрација постојат институции каде се бара поголема стручност и  компетентност. Но, истакна министерот, тоа  не значи дека бројот на вработени во администрацијата мора постојано да расте.

- Според природниот одлив на  вработени во администрацијата од три до четири проценти годишно од нив се пензионираат, со што постои отвореност тие да се пополнат, но не значи дека ќе мора да се направи. Може да се донесе одлука и на самата институција  или само како стратегија на Владата дека ќе пополнуваме само процент, посочи министерот, негирајќи дека  Европската комисија во своите извештаи укажува оти  македонската администрација е гломазна и  дека има потреба од нејзино намалување.

Министерот Ивановски повтори дека во јавната и државната админситрација се вработени околу 120 илјади лица, заедно со полицијата и армијата. Тврди дека вработувањата во администрацијата и годинава се ограничени како дел од антикризните мерки, а исклучок се тие според Рамковниот договор или кои се неопходни во институциите доколку некој замине во пензија или има некој несакан случај.