Министерот Ивановски пред тетовските бизнисмени ја претстави четвртата фаза од регулаторната гилотина

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната регионална средба во Тетово на која присуствуваа претставници на голем број компании од градот и околината го претстави почетокот на четвртата фаза на регулаторна гилотина „Предност за малите“.

Оваа фаза, според министерот Ивановски, е насочена кон надминување на административните бариери со кои се соочуваат компаниите, а тоа, како што рече, треба да овозможи во услови на криза да се намали притисокот врз работењето на фирмите и да се поттикнат претприемачите да основаат и водат свој бизнис.

- Наша цел е да се донесе регулатива која ќе биде во функција и во интерес на граѓаните, бизнисот и невладиниот сектор, а токму и целта на овие директни консултации со засегнатите страни е да се слушнат нивните предлози, мислења и ставови за заедно да креираме подобра бизнис-клима, изјави Ивановски.

Тој потенцираше дека од досегашните три фази на регулаторна гилотина првата е реализирана во 100 проценти, втората фаза во 74 и третата во 73 проценти.

По завршувањето на овој вид средби во 20 најголеми општини во Македонија, од страна на Владата и Министерството ќе биде изготвен акционен план што ќе биде претставен пред јавноста до крајот на април.

За подобро запознавање со сите прописи, ставови и мислења министерот Ивановски посочи на два портали ener.com.mk и e-demokratia.mk кои им стојат на располагање на бизнис-заедницата и на граѓаните за добивање информации, но и за давање предлози, мислења и ставови во врска со регулативата.

Запрашан за тоа кои се досегашните барања од бизнис-заедницата, Ивановски рече дека тоа зависи од територијата од каде што потекнуваат. Во Струмица прашањата биле околу земјоделското производство, увозот и извозот на земјоделски производи, инвестициите, додека од Битола главна тема била царината и издавањето на фискалните сметки што било посоечно како многу позитивен момент од страна на бизнисмените.