Координација на државниот врв: Македонија останува конструктивна во разговорите за името

Република Македонија останува цврсто посветена за надминување на прашањето за името и, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот. Како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност и од другата страна.

Ова е заклучокот од денешната координација на државниот врв свикана од претседателот на држвата Ѓорге Иванов, во пресрет на претстојната посета на амбасадорот Метју Нимиц на Република Македонија, за текот на разговорите за надминување на проблемот кој Република Грција го има со нашето уставно име, што се водат под покровителство на ОН.

На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Муса Џафери, министерот за надворешни работи Никола Попоски и специјалниот пратеник на претседателот во разговорите за името и амбасадорот Зоран Јолевски. На средбата Јолевски информирал за последните разговори со амбасадорот Нимиц во јануари.

Во соопштението од Кабинетот на претседателот се наведува дека македонскиот државен врв ја поздравува посетата на амбасадорот Нимиц на Македонија и Грција со надеж дека таа ќе придонесе за продолжување на разговорите за надминување на разликата околу името. Воедно, се укажува и на пресудата од МСП во Хаг во корист на Македонија.

- Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која укажа на неоправданоста на грчката блокада на македонската покана за членство во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година, на недвосмислен, објективен и непристрастен начин потврди дека Република Македонија своите позиции, во целиот изминат период ги заснова врз меѓународното право и почитувањето на добрососедските односи, стои во соопштението.

Според најавите, посредникот Нимиц во понеделник доаѓа во Скопје, а на 22 ќе ја посети Атина.