Приватните градежни компании позитивно го оценуваат проектот „Купи куќа, купи стан“, бараат пролонгирање на рокот за апликација

Претставници на приватните градежни компании денеска имаа средба со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески за проектот „Купи куќа, купи стан“. Го оценуваат како позитивен и заинтересирани се за вклучување во него, но сметаат дека треба да се пролонгира рокот за апликација бидејќи времето не е доволно за прибирање на целокупната документација, како и временските услови за изведување на градежните работи.

- Задоволен сум од она што го слушнав од градежниците. Проектот во суштина е позитивно оценет од нивна страна бидејќи ќе му помогне на градежниот сектор, на овие приватни компании во вакви тешки времиња практично да можат да обезбедат работа и истовремено да ги продаваат становите или куќите што ги градат, со цел истовремено да се задоволи и прашањето на граѓаните за стекнување сопствен дом, изјави министерот Ставрески по средбата.

Тој потенцира дека постои добар интерес. Досега се поднесени 100-тици апликации од кои дел се комплетирани, а дел треба да се докомплетираат.

Приватните компании во моментов, како што посочија претставниците од Сојузот на стопанските комори и Стопанската комора на северозападна Македонија, во Скопје нудат станови кои може да се вклопат во проектот до 900 евра за метар квадратен во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, Бутел, Припор, Кисела Вода.

На средбата е посочено на локации на кои може во иднина да градат вакви станови како што се Ѓорче Петров, Лисиче, Ново Лисиче, Бутел, Чаир и некои други и оти во таа насока, како што рече министерот, ќе се иницира средба со градоначалниците со цел да понудат повеќе локации за изградба на вакви станови.

- Проектот е долгорочен. Ќе се имплементира во наредните четири години и освен становите и куќите кои сега се нудат ќе има многу поголема понуда, потенцира министерот и додаде дека во однос на барањето за пролонгирање на рокот Владата треба да биде флексибилна.

Очигледно е, нагласи, дека поради временските услови и вкупната постапка потребна да се реализира ќе треба да бидеме флексибилни во делот на оставање доволен простор граѓаните да можат да го завршат тој процес. Владата ќе направи се што е најдобро за граѓаните бидејќи сакаме тие да бидат задоволни и да се реализираат нивните планови за сопствен дом.

- Штом има вакви барања искажани од сите компании и граѓаните до Владата сметам дека треба да биде флексибилна и да овозможи во подолг временски рок да се докомплетираат барањата и документите и да се добие станбен кредит, потенцира министерот.