Нема опасност од поплави по најавеното затоплување и топење на снегот

Не се очекуваат поплави, преливање на реките, природните езера и акумулациите, поради најавениот пораст на температурите и топењето на снегот. Во меѓувреме продолжува доставувањето неопходни манирници до завеаните села и расчистувањето на патните правци.

Ова е заклучено на редовниот состанок на Координативното тело за справување со состојбите кои произлегоа од обилните снежни врнежи, на кој меѓу другото е разгледана хидролошката состојба на реките и природните езера.

- Во вторник се очекува да падне снег во мали количини, но ние тековно ја следиме  ситуацијата. Информирани сме дека нивоата на сите акумулации низ државата, езерата и реките се во минимална квота и според климатските услови во Македонија и според сегашната ситуација не се очекуваат поплави, информираше министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на денешната прес-конференција.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески рече дека во однос на дотурот на намирници во завеаните места, од 8 февруари дистрибуирана е храна во 66 населени места во 17 општини, по претходни барања од граѓаните.

- Притоа, дистрибуирани се 1.709 литри масло, 10.610 килограми брашно, 3.450 килограми јачмен, 1.350 килограми пченка, неколку пакети лекови и хигиенски средства. Координативното тело постојано работи на расчистување на патните правци. Во текот на денешниот ден активирани се околу 40 градежни машини кои работат на расчистување на снегот, информираше Јанакиески, посочувајќи дека од 8 февруари интервенирано е на 114 локални патни правци.

Министерствата за внатрешни работи и за одбрана со своите сили, рече министерот, интервенирале во пет општини каде што имало стари, изнемоштени или болни лица. Тој истакна дека кога временските услови ќе овозможат летови на хеликоптерите ќе биде извршен дотур на храна во отсечените места, но тоа нема да биде можно во текот на денешниот ден, туку во наредните, кога се очекува затоплување на времето и подобрување на условите.

- Во сите непроодни места во текот на денешниот ден нема да може да се дистрибуира храна. Се очекува утре да се подобрат климатските услови и да се изврши дотур на храна, додаде Јанакиески.

Во селото Јабланица едно лице е во потешка состојба со проблеми на белодробниот систем, информираше министерот, но поради тоа што е неопходно да се пренесува во лежечка состојба, одлучено е да остане во селото, а укажана му е интервентна помош од доктор.

- Ситуацијата постојано се следи и доколку се овозможат услови утре Јабланица ќе биде првото село каде што ќе се направи дотур на храна и лекови, а паралелно се чисти и локалниот пат, потенцираше Јанакиески, според кого многу е важно што состојбата на терен постојано се следи и онаму каде е алармантно се настапува со хеликоптери.

Министерот тврди дека надлеѓните го даваат максимумот, задоволен е од досегашното расчистување на локалните и регионални патни правци, иако, како што рече, секогаш може подобро.

Дирекцијата за заштита и спасување, истакна директорот Шабан Салиу, презема соодветни мерки, ангажирајќи машини за чистење на снегот во сите делови од земјата.

- Очекуваме во текот на денот струшко-охридскиот регион поинтензивно да се чисти и да се подобри состојбата, а на лицата кои се отсечени во овој дел сигурно дека ќе им се помогне, рече Салиу, одговарајќи на новинарско прашање во однос на чистењето на овој регион.