Пает: Македонија во НАТО и ЕУ, да се реши името

НАТО Самитот во Букурешт покажа дека Македонија е подготвена за членство во Алијансата, но и дека името е пречка за тоа. Би сакал членството да се случи, а зошто тоа да не се случи и на Самитот во Чикаго. Сепак, претходно мора да се реши прашањето околу името. Истото важи и за доделување датум за почеток на преговори во ЕУ, со оглед дека Македонија доби препораки, но името останува пречка. Името беше пречка претходно и разликите околу името се уште се пречка за идното членство во НАТО, изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Пает по денешната средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Министерот Попоски потенцираше дека Македонија во НАТО де факто делува како членка, како земја која најмногу придонесува во мисиите по глава на жител. Од членството на Македонија сите би имале бенефит, посебно соседите на Македонија, вклучувајќи ја и Грција.

Според него, со членството на Македонија во ЕУ и НАТО би исчезнал и изворот на проблемот околу името.

Сегашната ситуација во Грција, оцени Попоски, не е охрабрувачка за решавање на спорот со името, бидејки фокусот е поставен на економските проблеми, но ако Грција покаже енергија и посветеност ќе дојдеме до решение за името со што ќе ги оствариме нашите стратегиски определби за европски и евро-атлантски интеграции.

- На НАТО му е потребна следна успешна приказна, а совршен кандидат за тоа е Македонија, рече Попоски.

Двајцата министри билатералните односи ги оценија како многу силни, посебно и поради тоа што  Македонија досега користеше доста искуства од Естонија, најмногу во ИТ секторот.

Пает и Попоски разговараа и за ситуацијата во регионот, фокусирајќи се на тоа што Македонија во јуни го презема претседавањето со процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Пает напомена дека прогресот е забележителен во регионот каде Албанија и Хрватска се веќе членки на НАТО, а Хрватска од 2013 е и членка на ЕУ. Напредок има и кај Србија и Црна Гора. Тој информира дека Естонија првпат ќе именува амбасадор за Балканот кој ќе ја следи ситуацијата одблиску во овие земји, а Попоски, од своја страна потенцираше дека искуството на Балтичките земји е драгоцено за Балканот.

Попоски ја искористи можноста да му посака добредојде на новиот евроамасадор Аиво Орав кој доага од Естонија.

- Орав има искуство со нашата земја и ќе придонесе за нормализирање на интеграцискиот процес. Се надевам дека ќе успееме во неговиот мандат да го завршиме патот до нашата стретегиска цел поставена пред многу години. Му посакувам успех, истакна Попоски.

Посетата на Естонија шефот на дипломатијата ја продолжува и утре за кога е предвидена средба со министерот за одбрана Март Лар. Попоски во Талин ќе одржи и предавање во естонското Министерство за надворешни работи на тема „Македонија на патот кон НАТО и ЕУ: Тропање на отворени врати“. Тој, исто така, ќе одржи и прием по повод отворањето македонски почесен конзулат во Тарту.