Средба на министерот Бејта со швајцарскиот амбасадор Лазарато

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта денеска се сретна со амбасадорот на швајцарија во Република Македонија Стефан Лазарато.

На средбата, како што соопшти ресорното Министерство, се разговараше за процесот на децентрализација во земјава и за поддршката што Швајцарија ја дава.

Министерот Бејта му заблагодарил на Лазарато за финансиската поддршка што и ја дава Швајцарија на Република Македонија и посочил дека програмата „Форуми во заедницата“ финансирана од швајцарската влада им помогна на многу општини во земјава.

- Програмата „Форуми во заедницата“ во иднина да се реализира во соработка со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Целта е да не се добие сомнеж дека Министерството сака да управува со парите, туку да има координација меѓу него и ЗЕЛС и со ова ќе се вреднува значењето на проектите, рече Бејта, истакнувајќи дека како министер прави напори за поголема децентрализација на локалната власт.

- Швајцарија е еден од најголемите поддржувачи на Република Македонија во процесот на децентрализација и е многу важна за нас бидејќи е столб на Охридскиот договор. Швајцарија е најдецентрализираната држава во светот и со најголеми овластувања за општините, нагласи амбасадорот Лазарато.