Министерката Јанкулоска се сретна со Жан Тод, претседател на ФИА

Министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска се сретна со Жан Тод, претседател на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА) кој претстојува во Скопје по покана на Авто мото сојузот на Македонија и Автомобилистичка федерација на Македонија.

Главниот акцент на средбата  беше ставен на заедничките цели и приоритети во рамки на Декадата на акција за безбедност на патиштата 2011 – 2020, иницирана од Обединетите нации и ФИА, соопшти МВР.

Јанкулоска потенцираше дека Република Македонија во континуитет изготвува и постапува по стретешките планови чија цел е редуцирање на бројот на жртви во сообраќајот. Таа го информира претседателот на ФИА за последните предлог измени во Законот за безбедност на патниот сообраќај со кој потенцијалните возачи треба да добијат поквалитетна обука.

Од страна на Жан Тод биле поздравени сите напори кои  ги вложува Министерството за внатрешни работи во таа насока и е препорачана поддршка за афирмирање на автомобилискиот спорт, особено меѓу најмладите, со што во иднина би добиле генерации кои многу подобро ќе го познаваат и ценат автомобилизмот.

Во контекст на заедничките цели и интереси во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија утре во скопскиот саем министерката Јанкулоска со претседателот на ФИА Жан Тод и претставници на АМСМ ќе потпише меморандум за соработка.