Дисциплински постапки и отпуштања по контролата во институциите вклучени во процесот на посвојување

Двајца директори на центри за социјална работа и еден директор на установа разрешени, поведени се дисциплински постапки за 28 стручни работници, а покренати иницијативи за отпуштање на пет лица од центрите по завршената контрола во сите институции вклучени во процесот на посвојување деца.

Разрешени се директорите на социјалните центри во Радовиш и Крушево, а, министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција информира оти не се исклучува ниту можноста за кривични пријави за дел од нив.

Тој најави дека и натаму ќе се преземаат мерки за заштита на децата кои не по своја вина останале без родители. Секој оној, додаде, кој несовесно постапувал, ќе биде казнет.

Министерот Ристовски истакна дека контролата покажала каде се пропустите и слабостите во системот на посвојување. Најави законски измени со цел тие да се надминат, во кои ќе бидат предвидени и глоби за оние кои нестручно и несовесно ќе си го извршуваат делот од работата, односно  нема да ги почитуваат роковите за упис во регистрите на посвоители и посвоеници.

Со утврување на рокови, како и глоби за нивно непочитување, се очекува поголема ефикасност во работата на стручните тимови во центрите за социјална работа.

Министерот Ристовски истакна оти формирањето на новата Комисија за посвојување веднаш на почетокот на контролата веќе дало резултати.

- Резултатите се видливи. Во 2010 година беа реализирани 45 посвојувања. А само во периодот декември минатата година и јануари годинава или за два месеци посвоени се 40 деца, рече Ристовски.

Формирана е и лекарска комисија од педијатри и дефектолози, кои извршиле детален здравствен преглед на децата од Домот за доенчиња и мали деца од Битола. Поднесен е предлог постоечките категоризации на деца да бидат заменети со нови, бидејќи биле ригорозни и како здрави деца ги регистрирале само оние со 100 отсто добар психомоторен развој. Тоа, според Ристовски, придонело да биде помал бројот на здрави деца за посвојување.