Отворен модернизираниот аеродром „Александар Велики“


Обновен и модернизиран со најсовремена технолошка опрема според сите светски стандарди и капацитет да опслужува четири милиони патници годишно е новиот лик на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, што го презентира денеска концесионерот - турски ТАВ во присуство на македонскиот државен врв и бројна бизнис турска делегација.


Од 9 септември (петок), со првиот лет на Аустриан ерлеинс целиот сообраќај ќе се одвива на новиот терминал на „Александар Велики“, најави Мустафа Сани Шенер, генерален директор на ТАВ аеродроми.


- Економскиот пораст е важен индикатор за вложување во аеродромската инфраструктура. Во тоа верувававме и веруваме, се појавивме на тендерот, а и покрај притисоците на светската економска криза го спроведовме проектот за модернизација на аеродромите и го исполнивме ветувањето тоа да биде пред Денот на независноста, рече Шенер.

Новиот изглед на аеродромот во кој турската компанија вложи сто милиони евра беше промовиран пред претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, владиниот економски тим.

Модернизираниот аеродром, според премиерот Никола Груевски, од денес ќе биде македонски препознатлив симбол на развојните процеси и направените чекори со кои Македонија се движи напред. Реализацијата на овој проект доаѓа во вистинско време во пресрет на доаѓањето нови инвестиции и туристи и период кога се почесто до одредени дестинации може да се патува по симболични цени, оцени Груевски, посочувајќи дека главните каратекристики на новиот аеродром се капацитет, ефикасност и функционалност.

- Аеродромот е огледало на земјата на кој се стекнува првиот впечаток при патувањето во неа. Ова е голем ден за Македонија кога се менува сликата на сите патници кога стапнуваат на нејзино тло, истакна премиерот.

Според него, 6 септември ќе остане запаметен датум во поновата македонска историја кога е заокружен еден од најголемите инфраструктурни проекти. Со модернизацијата на „Александар Велики“ оставаме одличен белег и пример како треба да се работи за својата држава, укажа Груевски, посакувајќи новиот аеродром да донесе голем раст на бројот на патниците, туристите и инвестициите во државата.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски оцени дека модернизацијата на аеродромот е големо ветување, кое станало реалност. - Договорот за концесија е најсолежниот проект од економски и правен аспект што е спроведен благодарение на капацитетите на администрацијата, сериозноста на инвеститорот и покрај скептицизмот од светската економска криза, рече Пешевски.

Тој истакна дека македонските граѓани со гордост ќе патуваат од аеродромот во Скопје и со гордост ќе пречекуваат гости од целиот свет и ќе ја промовираат Македонија.

Вицепремиерот очекува голем пораст на бројот на патници благодарение на проектот што го реализира ТАВ.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со реализацијата на проектот Владата направи сериозен чекор за развој на воздухопловниот сектор во Македонија.

- Новите и модернизирани објекти се изградени според најновите и современи светски стандарди, а набавена е и нова опрема со што аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе функционира согласно највисоките меѓународни стандарди кои овозможуваат значително подобри услови, комодитет и простор за патниците - нешто што тие го бараа години и години наназад, посочи министерот Јанакиески.

Првите патници што ќе бидат опслужени на аеродромот во текот на денов ќе пристигнат со летовите од Истанбул, Прага, Будимпешта, Љубљана, Загреб....Ќе слетаат на аеродром десет пати поголем од досегашниот, со капацитет да обезбеди услуга за четири милиони патници годишно.

Скопскиот аеродрoм, кој „ТАВ Аеродроми“ го зеде под концесија во март минатата година и со него ќе управува 20 години, во текот на 18-месечната реконструкција и модернизација е изградена нова терминална двокатна зграда од 40 илјади квадратни метри со шест патнички пристапни мостови, 23 места за чекирање, паркинг за 1.300 возила... На приземјето е делот за пристигнување, а на катот за полетување. Двата ката се поврзани со шест ескалатори и девет лифтови. На приземјето во делот за пристигнување има чекална, а спроти неа се пунктовите за чекирање и продавници за сувенири. На катот покрај вообичаените пунктови за царината и пасошка контрола, се пристапните мостови за влегување во авион.

Во средишниот дел на аеродромската зграда е поставен симболот на аеродромот - споменик на Александар Велики на коњ. Споменикот е подарок за Македонија од Мурат Орнекол, оперативниот директор на концесионерот ТАВ.

Турскиот концесионер изгради и карго хангар со капацитет од 40.000 тони годишно, нова противпожарна станица, службена зграда од 5.000 метри квадратни. Постојната писта е проширена за 500 метри на југ.

Новиот аеродром, според инвеститорот, е најмодерен на Балканот, а поради стратешката локација треба да стане балкански транспортен центар.
Минатата година „ТАВ Аеродроми“ го реновираа и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, една од најпопуларните туристички дестинации во земјата.
Холдингот „ТАВ Аеродроми“ е меѓу водечките авио оператори во светот. Управува со истанбулскиот аеродром „Ататурк“, со аеродромот „Есенбога“ во Анкара, „Аднан Мендерес“ во Измир и „Газипаша“ во Анталија, како и со по два аеродроми во Македонија, Тунис и Грузија. Компанијата неодамна го доби на управување и аеродромот „Медина“ во Саудиска Арабија. „ТАВ Аеродроми“ исто така раководи и со други сектори од аеродромските услуги како дјути фри продажба, услуги со храна и пијалоци, информациски технологии, безбедност... Во 2010 година компанијата обезбедила услуги за околу 420.000 летови и за просечно 48 милиони патници.