Средба на премиерот Заев со претставници на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија: Поддршка за потребите во науката којашто гради мостови

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците - Скопје, Скендер Асани, придружуван од претставници на институтот, Закирија Ибрахими, Нора Малиќи и Сефер Тахири.

На средбата се разговараше за прашања со цел ефикасно функционирање на оваа државна научна институција. 

- Науката го движи светот и јас како премиер и оваа Влада сме посветени да ја поддржуваме науката како вредност, рече премиерот Заев.

Претставниците на Институтот соопштија за проблемите што ги имаат во врска со просторните услови за работа, за потребите од финансиска поддршка за реализација на важни проекти на институтот, за коишто, како што е соопштено, има интерес од САД, европската и регионалната научна јавност, за мотивација на вработените во научната дејност.

Во таа насока, разговарано е за поддршка од Владата околу обезбедувањето соодветен функционален простор за работа на Институтот, како и за поддршка на проекти од пошироко научно значење. Како значајна е посочена конференцијата „Балканологијата денес“, којашто е планирано да се одржи следната есен, на којашто, како што беше речено, присуствуваат научници од Балканот и од европски земји и е добра можност за промоција на Република Македонија според концептот во којшто се развива, едно општество за сите низ духот на регионалната соработка. 

Добро е да создаваме мостови и во науката, низ мултикултурата во нашата држава, но и во релација со другите народи, за минатото да биде темел на стабилноста на иднината на регионот и пошироко, заклучено е средбата на премиерот Зоран Заев со претставниците на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Република Македонија.