Министерката Рената Дескоска: За враќање на довербата во судството потребна е доследна примена на законите

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска денеска во Охрид учествува на Меѓународна судска работилница чија овогодинешна тема е „Ефективна имплементација на реформираниот концепт на Судски совет“, во организација на Здружението на судиите на Република Македонија, Амбасадата на Соединетите Американски држави во Република Македонија и CEELI Институтот од Прага.

„Воспоставувањето на владеењето на правото, независно и непристрасно судство кое ќе ја врати довербата во правдата, реформирањето на судскиот систем во Република Македонија не се прави единствено поради членството во ЕУ и НАТО, туку дека истото е насушна потреба на граѓаните на нашата држава“, истакна министерката Дескоска во своето воведно обраќање.

Таа потенцираше дека реформската агенда на Министерството за правда е практично реконструирање на законската рамка со цел да се обезбедат процедури кои ќе ја зајакнат независноста на судството, но и ќе санкционираат непрофесионално и пристрасно однесување од страна на судската власт.

- Во процесот на изработка на законските решенија, учествуваа претставници од судските власт, судии, претставниците на експертската фела беа вклучени и имавме инклузивен процес. По донесувањето на законската рамка останува вашата задача - таа е најважната задача. Можеме да создадеме идеален закон, но да имаме лоша имплементација. Праксата покажала не само во Македонија, туку и во други земји, дека некогаш и со не толку добар закон можеме да имаме добра пракса, односно имплементација која ќе значи примена на законските норми во корист на владеењето на правото и принципот на правда и правичносат и почитувањето на човековите права, потенцира министерката Дескоска.

Таа не ја негира важноста на улогата на извршната власт, но смета дека „улогата на судската власт во враќањето на достоинството на судската професија и заштитата на правото е најзначајна во овој процес“.

Министерката Дескоска рече дека Законот за судови е доставен и до пратеничките групи во Собранието, со цел овој период да се искористи и да се развие една дебата со политичките субјекти пред официјалното пуштање во собраниска процеудра, кое можеме да го очекуваме кон крајот на оваа година.