Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи: Реформскиот процес мора да го издвоиме надвор од дневната политика

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во Медија центарот на Владата на Република Македонија одржа прес-конференција на која ја презентираше содржината на реформскиот План 18 кој вчера беше усвоен од страна на Владата.

 

 

„Имплементацијата на Договорот од Преспа претставува една од најважните обврски преземена од наша страна и дозволете во оваа прилика да изразам особено задоволство што Собранието го даде првото зелено светло за пристапување кон уставните, што претставува израз на зрелост на нашите политички претставници во Собранието, во следниот период очекувам зголемување на политичката поддршка и изградба на консензус за сите прашања кои се од наднационален интерес, меѓу кои е секако и имплементација на Планот 18“ - истакна Османи, информирајќи ја јавноста дека Владата го усвои финалниот План 18 на својата редовна седница. 

Во продолжение на прес-конференцијата вицепремиерот Османи истакна дека по завршувањето на имплементацискиот период на Планот 3-6-9, како негов континуитет, Владата изготви драфт верзијата на Планот 18, во кој беа вметнати препораките од Извештајот на Европската Комисија, како и реформските обврски кои произлегоа од Планот 3-6-9, при што потенцираше дека финализацијата на реформскиот План се одвиваше во повеќе фази со широки консултации со невладиниот сектор, експертската јавност, но и опозиција, преку средби и разговори со меѓународните претставници од Делегацијата на Европската Унија, земјите членки, но и самата Европска комисија, но и дека во него се вметнати и заклучоците од поткомитетите на Комитетот за стабилизација и асоцијација, краткорочните препораки од спроведените оценски мисии, препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија, ГРЕКО итн.

„Реформскиот Планот 18, кој беше подготвен од страна на Секретаријатот за европски прашања, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии воедно претставува документ кој е изграден во веројатно најинклузивниот политички процес во државава, преку бројни средби и размена на идеи и предлози со граѓанскиот сектор, со опозицијата и голем број дури заинтересирани страни, и во оваа смисла заслужува да биде издвоен од дневниот политички натпревар, и да ја добие соодветната поддршка. Реформските приоритети дефинирани во овој План, покрај суштинското унапредување на општеството, претставуваат и клучен параметар преку кој ќе се мери успешноста на нашите европски интеграции” - заклучи Османи.

Османи ги наведе и клучните области на Планот 18: реформа на правосудството, реформа на безбедносните служби, реформа на јавната администрација како и борбата против организираниот криминал и корупција. 


Преземи презентација: