Одговори на прашања од медиуми на премиерот Зоран Заев, кој имаше обраќање на Меѓународниот симпозиум на високо ниво на тинк тенк организации од НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа

Прашање од медиум: Премиере, вчера вицепремиерот Бујар Османи најави дека ДУИ ќе побара и веќе е разговарано за вклучување на Охридскиот договор во Предлогот за измена на Преамбулата на Уставот?

Одговор на премиерот Заев: Знаете дека имаме динамичен процес, инклузивен процес, сакаме со сите да разговараме. Ова не е утврдено прашање, допрва ќе се разговара или се разговара на потпретседателско ниво. Знаете дека бев посветен на разговорите со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, коалиционите партнери „За Подобра Македонија“, за да можеме да го направиме инклузивниот процес, којшто го ветивме во рамките на разговорите кои што се случија, како резултат, секако на конечната цел, гласање за отворање на потребата од уставните амандмани. Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на Република Македонија. Тој е вграден веќе, по потпишувањето на Рамковниот договор. Сакам да испратам порака, дека инклузивноста на процесот е важна, но притоа не смееме со своите амбиции да го запреме целиот процес и го минимизираме во делот на времето неопходно за донесување на сите потребни чекори, кои што, знаете, се проектирани некаде на средината на јануари или втората половина на јануари. Ќе разговараме за сите детали, мене ми е многу важно, прво да го исполниме Договорот. Тоа се суштините на уставните промени, а во рамките на тие суштини веќе гледам дека имаме многу внимателен начин на предлагање на дополнувањето на уставните амандмани, кои што го гарантираат идентитетот, кои што ја гарантираат потребата од верификација или ратификација на договорот од грчка страна, како и примената внатрешна, секако тоа е во духот на Договорот овде и сите други чинители, пратениците, кои што вкупно 80 дадоа глас за да се отвори уставната промена се важни. Секако, со нив ќе разговараме и секако доколку тоа е прифатливо за сите ќе ги продолжиме процесите. Вклучително и за ваквите изјави, коишто ги слушнав јас синоќа од медиумите.

Прашање од медиум: Дали конечно завршија консултациите со осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и албанските опозициски партии околу нивните предлози?
И дали до петок, конкретно ќе се запази рокот за давање на предлозите за уставните амандмани? Дали очекувате од ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија да го блокира процесот, со доставување на 100, 200, 500 амандмани на промените?

Одговор на премиерот Заев: Прво, деловнички, роковите се јасно определени. Ако ние, на 5-ти на Влада, ги усвоиме Нацрт-амандманите и ги пуштиме до Собранието, проекцијата од 30 дена за закажување на седницата е таа. И, седницата ќе се закаже. Во рамките на 30 дена, согласно Деловникот, ќе се отвори дебатата на Уставната комисија и Законодавно-правната, како што поминува. Секако, вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамките на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа си дозволуваме и да испроектираме датуми, втора половина на месец јануари. Вчера, добивме конкретни сугестии, имавме квалитетен работен состанок со пратениците од новата пратеничка група, каде што верувам денеска ќе бидат вградени во сите текстови, ќе ги консултираме уште еднаш за тоа што го сугерираат, точно во текст да го видат како тоа изгледа и ако одобрат, продолжуваме со чекорите понатаму. Знаете, консултирана е и грчката страна, не заради тоа што тоа е обврска некоја во Договорот, но во духот на партнерството и пријателството, ред е да презентираме што македонскиот Парламент ќе одлучува во периодот што доаѓа, затоа што, како што напоменувам, тоа е нацрт фаза, може да се дополнува со амандмани, самите уставни амандмани, во текот на расправата по нацрт амандманите, на јавната расправа и на конечната верзија на амандманите кои што ќе дојдат. Верувам дека до петок ќе стигнеме со сите овие неопходни консултации. 

Прашање од медиум: ...со блокада од опозицијата?

Одговор на премиерот Заев: Не верувам дека ќе се случи блокада од опозицијата. Нема потреба. Иако има одредени шпекулации за ваква работа, јас лично не верувам дека тоа ќе се случи, заради тоа што не ја гледам целисходноста на самата блокада, заради јасно дефинирани деловнички рокови кои што постојат во таквата постапка. 

Прашање од медиум: Дали ќе ги разгледувате предлозите на БЕСА, дали ќе преговарате со нив?

Одговор на премиерот Заев: Јас дискутирав и во рамки на Комисијата за уставни прашања, ако следевте. Ги разбирам потребите на луѓето на дебата да даваат предлози, посебно креативноста на опозицијата и слично, но на крајот знам, дека никој нема право и нема да направи било кава условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Веројатно, нема да дозволиме ширење на Пандорина кутија, тоа го знаат сите. Редот е, јас тоа да го потврдам. Парламентот е конечен, тој што одлучува, ние сме само предлагачи. Но, во рамките на сите овие работи, јас секој пат стојам на располагање, да го градиме она едно општество за сите, за кое што сите се залагаме. А не да се убедуваме на поинаков начин, кога се носат крупните одлуки, зад кои што сите стоиме, и кои се наши програмски определби како политички партии застапени во Парламентот и наши стратешки определби како држава и нема да дозволиме со било какви желби, потреби и креативности, кои што во суштина некогаш излегуваат од потребата на граѓаните, нема да дозволиме да бидат загрозени во самиот процес на одлучувањето.

Прашање од медиум: Господине Заев, Вие со помирувањето не го споменувате терминот амнестија, но вчера вицепремиерот Османи порача дека сите вклучени во 27 април, дел од нив биле можеби колатерална штета, па не е исклучена можноста за нив да има помилување, односно амнестија. Како го коментирате неговиот став и дали постои некоја разбиеност помеѓу коалицијата?

Одговор на премиерот Заев: Знаете како, секој можеби има свој аспект и ние сме демократска Влада, јас го почитувам начинот на разгледување, начинот на внимание, начинот на посветеност за да се постигне конечната цел, а тоа е еден вид на национално обединување, интер-етнички и интра-етнички, коешто ни треба во Македонија. Јас зборувам за помирување, не зборувам за амнестија. Помирувањето како процес ќе го видите. Вчера втората точка беше токму таа, дефинирана преку едно координативно тело во Парламентот, што ќе работи на севкупното сегашно помирување, но и перспективите кои се отвораат пред Македонија. Како ќе се носат одлуките, ние тоа ќе го соопштуваме во јавноста, но едно знам, тоа го зборев и во Парламентот, преку 27 април и настаните е одлична можност да го изградиме тоа помирување. Овде има многу убави модалитети, демократски познати модалитети како тоа да се прави, низ системот на ова координативно тело. Токму тоа треба да го направиме. Јас верувам дека тоа е само еден мал сегмент, зошто? Затоа што е добро што почна од Парламентот како врвот на демократијата или највисоката институција во Република Македонија, за да може да очекуваме и по вертикала надолу по општините, па дури до последната клетка на нашето општество, тоа е семејството, коешто видов и мои лични примери, како политичари, како и дури семејство знаат политички да се подели. Премногу е тоа во политиката. 

Прашање од медиум: Како мислите да го спроведете помирувањето ако ВМРО-ДПНЕ не учествува во таа комисија за помирување?

Одговор на премиерот Заев: Јас верувам дека ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ со осумте пратеници со кои разговарав. Тие се претставуваат, и јас тоа го почитувам, како нова пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија. Тоа е нивно легитимно право. Јас тоа го почитувам затоа што како идентитетот е, како се чувствуваш. Верувам дека и многу други пратеници ќе се приклучат и најавено е дека ќе се приклучат, знаат дека треба да се приклучат, го чекаат моментот. Ја отворам вратата сериозно да се приклучат во целиот овој процес, затоа што така ни личи и така е убаво за Македонија. Бројките од 80 пратеници не се доволни и треба да бидат поголеми, не затоа што на Заев така му паднало на памет или Заев тоа го сака. Знаат и тие длабоко во душата дека ова е историски момент за Македонија, треба да се вградат да ги донесеме заедно одлуките, да ги засукаме ракавите да работиме на економија, на реформите, и на подобрување на севкупниот живот на граѓаните. 

Прашање од медиум: Споменавте дека ќе го информирате Ципрас за сите амандмани кои што ќе бидат инкорпорирани, тамошните медиуми веќе најавуваат одлагање или пролонгирање на процесот на ратификација до март. Имате ли некој коментар во однос на тоа?

Одговор на премиерот Заев: Не гледам ништо како потребно за тоа. Премиерот Ципрас во редовната комуникација која што ја остваруваме во текот на целиот овој процес, знае дека, и така ме информира, се очекува прво процесот во Македонија да заврши, за веднаш тие да го почнат процесот во Република Грција. Ниту тие имаат корист од пролонгирање, ниту ние имаме корист од пролонгирање. Колку побрзо ги завршиме протоколарните обврски поврзани околу Парламентите, кај нас уставните промени, кај нив со ратификацијата на договорот, толку повеќе оставаме простор да ги видат граѓаните и на Македонија и на Грција бенефитите токму од овој убав договор, кој што дефинитивно носи само придобивки за граѓаните на двете земји и за самите земји.