Промовиран проектот за „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ - Започна подготовка на софтвер за распределба на буџетски средства

Денес, во Свечената сала на Владата, беше презентиран „Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кој се спроведува од Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, во соработка со Министерството за локална самоуправа, а со поддршка од Амбасадата на Швајцарија. Целта на проектот е создавање на софтверско решение – систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиките за рамномерен регионален развој.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев нагласи дека со имплементација на проектот, ќе се има подобар увид во распределбата на буџетските средства во соодветните региони, како и  дека ќе се овозможи подобро планирање на финансиите во насока на рамномерен регионален развој. Целта е разликите во развојот помеѓу и во рамките на планските региони да се намалат, а како резултат на тоа, граѓаните, особено оние од помалку развиените региони во земјата, да имаат подобри услови за живеење.

„Преку софтверското решение, на крајот на секоја година, ќе имаме прецизен увид за инвестициите направени од било која државна институција, по било кој основ, било каде во земјата, и ќе видиме како средствата се распределени на територијата на цела држава. Не смее да се повтори ситуацијата, како во минатото, кога се инвестирани 800 милиони евра само во Скопје, а да притоа само 18% од државата е покриена со канализациони системи. Или пак случајот со хидро системот Злетовица, каде се инвестирани 100-ина милиони евра, а општините не може да го користат системот“, нагласи Анѓушев.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу потенцираше дека спроведувањето на овој проект претставува можност која сите вклучени, државните институции и општините, преку партнерство и соработка ќе ја искористат во интерес на унапредување на развојот се до најдалечните и најзаостанати делови на државата.

„Во таа смисла, Министерството за локална самоуправа работи на поддршка и промовирање на планските региони како столбови на кои се темели имплементацијата на политика, преку зголемување на нивниот конкурентски капацитет, подршка на иновациите и подобрување на животот на населението“, нагласи Фазлиу.

Заменик амбасадорот на Швајцарија г-дин Стефан Томаџан изјави дека Швајцарија финансиски ги поддржува активностите за рамномерен регионален  развој уште од 2012 година и дека ова е надградба на претходните проекти. Тој дополни дека со овој проект ќе се овозможи јакнење на локалното владење, а дека проектот ќе помогне во алоцирање на буџетските средства и балансирано финансирање на планските региони, како и мониторирање на распределбата на средствата.

Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој се спроведува од проектна единица, формирана за овој проект, која ја координира Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.