Премиерот Заев на Европскиот форум на Лајонс: Останете пример за пораката, дека добродетелство е подвиг од кој сите излегуваме победници

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, присуствуваше и имаше свое обраќање на свеченото отворање на Европскиот Форум на Лајонс, кој се одржа во Македонска Филхармонија. На свеченото отворање исто така се обратија и меѓународната претседателка на Лајонс, Гудрун Ингвадотир и гувернерката на округот 132 Соња Бојаџиева.  

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:

 

 

Што е она што нѐ прави да се поврзуваме меѓу себе? Што е она што нѐ поврзува во заедници, во кои понатаму градиме заеднички вредности и принципи во кои секогаш се стремиме да не изоставиме никој?

Тоа, драги пријатели, е, верувањето во цел поголема од нас самите, поголема од нашиот живот. Цел, во која колку повеќе веруваме толку повеќе сакаме да ја споделиме со многумина. 

И така, живеејќи постојано загледани во лицето на другиот, кога е во тага или немоќ, стануваме свесни дека сечие присуство околу нас има потреба од нас, исто толку колку што ние имаме од другите. 

Нели сите ја имаме таа човечка потреба да бидеме чуени видени и да ни биде возвратено на нашите потреби. Тоа е самата суштина на емпатијата. 

Овој мал вовед е инспириран од темата на овој Форум. 

Вие, хуманитарците, луѓе кои ги вложуваат својот труд, знаење, време и енергија за помагање на оние на кои им е потребна помош, сте секогаш инспирација за креативност во грижата за својата заедница. 

Почитувани пријатели - Лајонси, ценети гости, 

Чест и задоволство ми е да присуствувам на овој настан, и дотолку повеќе, да ја имам приликата да кажам дека од првиот ден на оваа влада, која ја предводам, благосостојбата на граѓаните, е највисокиот приоритет и епицентар на градењето на секоја политика. 

Правиме сè, и лицата со попречености и ранливите групи да бидат вклучени во општествениот живот, како никогаш до сега. 

Дополнително да бидат дел од телата кои ги дизајнираат системските решенија, кои сакаме да резултираат со еднаквост во можностите за живот за сите наши граѓани.

Во тоа можете да сметате на нас како на партнери, секогаш кога имате потреба од асистенција во реализирањето на проектите кои имаат за цел, подобрување на условите за живот на нашите граѓани. 

Вашата мисија - да ги поттикнувате волонтерите да им служат на своите заедници, да се ангажираат за да ги задоволат хуманитарните потреби на другите околу себе, да го поттикнат мирот и да промовираат меѓународно разбирање преку клубовите на Лајонс, ве прави да бидете меѓу глобалните лидери во заедниците на хуманитарното служење. 

Впрочем, и мотото на Лајонсите – служиме, доволно гласно и уверливо сведочи за вашите трајни вредности во односот со заедниците.  

Дозволете да искажам посебна почит за придонесот на Лајонс клубовите во раната детекција на оштетувања на видот кај децата, преку кој веќе четврта година, се прават скрининзи на над 27.000 деца. 

Преку младински волонтерски програми, кои ги организирате, промовирајќи го лидерството кај младите, им давате можност да учат, да растат и да служат преку учество во проекти и служење во заедницата. Со тоа ги втемелувате благородните вредности во нивните животи, да се развиваат во способни и здрави млади луѓе со силен карактер, преку сеопфатен, позитивен развој. 

Вашето служење на сите луѓе околу нас е пример за доблест, и инспирација и за нас политичарите.  

Се обидов овој говор да го адресирам до членовите на македонските Лајонс клубови. Но, Вашите активности и Вашата организација функционира како едно глобално семејство, кое секогаш, на секоја точка на земјината топка, ќе биде, на свој начин, мисионер на добрата мисла, емпатијата, хуманоста и свесноста дека само заедно можеме да истраеме низ секакви неприлики. 

Обраќањето до вас, на овој Форум, во тој контекст е обраќање до сите Лајонси во светот: Продолжете да бидете светол пример за пораката, дека натпреварот во добродетелство, е натпревар од кој сите излегуваме победници.

Ви посакувам плодна и успешна работа, и да бидете причина за среќа во животот на многу луѓе.“