Премиерот Заев на средба со делегација од Европската федерација на банки за храна: Солидарноста и хуманоста се клучни во намалувањето на социјалните разлики

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска прими делегација на Европската федерација на банки на храна (ЕФБХ) , предводена од Генералната секретарка, Ангела Фриго и директорот на Коалицијата против фрлањето храна во Македонија, Душко Христов.

На средбата беа презентирани идеи и практики за развој на банки за храна, од земји членки на ЕУ, кои би послужиле како модели за одржлив развој на мрежа од банки за храна во Република Македонија.

Премиерот Заев на средбата изрази поддршка, од лично име и од име на Владата на Република Македонија за ентузијазмот и активизмот, кој, како што рече тој на средбата, е силна порака за солидарност, помирување и споделување, не само декларирана туку и манифестирана на дневно ниво.

Тој, исто така, пред членовите на делегацијата изрази уверување дека Владата на Република Македонија веќе прави големи напори во изнаоѓањето модели за на што повеќе финансиски ранливи категории да им се обезбедат пристојни услови на живот, а во тој контекст, како што рече тој, Банките за храна се исклучително благородна идеја и алатка која е сериозен придонес во решението за подобрување на животните услови на голем број на граѓани.

Генералната секретарка на ЕФБХ, објаснувајќи ги придобивките од работата на банките за храна, сподели искуства од Италија и Франција, и додаде дека системската поддршка на државите, во работата на банките за храна резултирала со 20 отсто во порастот на редистрибуираната храна.

Премиерот Заев, се заблагодари на позитивните пораки за подигање на свесноста на граѓанскиот сектор и бизнис заедницата преку единство во добрите намери да се помогне на оние на кои им е најпотребно, повика на поинтензивна комуникација и соработка за поголема вклученост и побрз развој на Банките за храна во Република Македонија и додаде дека солидарноста и хуманитарните ангажмани се клучен дел во рушењето на општествените празнини и поделби.