Премиерот Заев: Не губам надеж дека ќе се смогнат сили за љубов кон татковината да обезбедиме двотретинско мнозинство во Парламентот

Присуството на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на настанот посветен на 70 години од одбележување на Интернационалниот ден на кредитни унии и јубилеј од 20 години работење на штедилница ФУЛМ, присутбите новинари го искористија за прашања до премиерот на актуелни политички теми. Прашањата и одговорите ви ги пренесуваме во целост:

Прашање: Вчера се чувте со премиерот Ципрас. За што разговаравте и како ја толкувате оставката на Коѕијас?

Премиерот Заев: Да, вчера искомунициравме со премиерот Ципрас, двајцата остануваме целосно посветени на она што претставува перспектива на новиот Балкан на 21 век, Балкан во којшто ќе се гради пријателство, во којшто ќе се унапредува соработката, каде што ќе придонесува за подобар економски раст и развој на нашите земји, на посреќни граѓани, и секако на зголемена трговија, зголемени инвестиции и на крајот подобар економски стандард на граѓаните, и на Македонија, и на Грција.

Секако, тој ме информираше за случувањата во Грција, но рече дека целосно останува посветен, дека ја презема дури и позицијата министер за надворешни работи, со цел да се реализира договорот од Преспа. Јас сум среќен поради целосната посветеност на Република Грција на овој договор, можам да ја потврдам и целосната наша посветеност. Не губам надеж дека утре Парламентот ќе смогне сили, ќе се одважат и ќе се охрабрат пратениците коишто пред се сè претставници на граѓаните а после тоа на политичките партии. Дека ќе се исправат пред историската одговорност, пред оваа непропустлива шанса за Македонија, конечно, да дадат пас на, потенцирам, на потврдување на потребата за отворање на уставни промени.

После тоа следува нацрт на уставните амандмани по коишто ќе се дискутира, ќе се одобрат, па и на јавна дебата, и на јавна дискусија, и на крајот е гласањето на самите уставни амандмани. Да му дадеме живот на овој процес, поради тоа што тоа е единствена гаранција за подобри перспективи на сите граѓани, исполнување на нашите стратешки цели ЕУ и НАТО, а секако е шанса којашто сите знаеме дека не смееме да ја пропуштиме.

Прашање: Не се откажувате од мнозинство. Како ќе успеете до крај?

Премиерот Заев: Јас верувам. Јас сум верник човек. Некогаш и чуда се случуваат. Гледате, транспарентни сме до крај. Дебатата е отворена, навистина прифативме многу иницијативи коишто дојдоа од пратениците. Јас сум спремен и понатаму да разговарам за иницијативите од самите пратеници, во функција на она што е  дополнителна грижа произлезена од преговарачкиот процес, од прогласувањето на договорот, од кампањата за референдумот, па и до ден денеска, а тоа е да најдеме начин да го зацврстиме идентитетот, да го потврдиме јазикот, да го гарантираме тоа што го правиме дека ќе биде исполнето од грчка страна, да ја гарантираме европската иднина на Македонија, и така натаму, за сè што претставува грижа, со конечна цел заедно ова да го направиме. Си личи заедно. Треба заедно, по пат на консензус да се направи. Но еве, она во што јас верувам до утре, секако, е дека ќе се смогнат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство, и да се даде пас на отпочнување на постапката за уставните промени.

Прашање:  Зборувавте за помирување, вашиот глас допре и до кривичниот совет, ги повлече и обвинувањата.

Премиерот Заев: Разговарав со министерството за правда, да прашам дали е тоа поради мојот повик за помирување што го испратив. Дефинитивно луѓето си имаат обезбедено гаранција, тоа ми го потврдија, поради тоа што еве двајца пратеници од петте, долго време се бранат од слобода и се редовни на рочиштата, веројатно соодветните гаранции коишто сега се поднесени во ваква фаза од самиот процес, судот одлучил тоа да се случи. Не ги знам ставовите на обвинителство, на судови... Но мене ми е драго, што луѓето излегуваат од притвор. Зошто? Поради тоа што од самиот момент, мојот апел беше дека не треба секогаш притворот да биде мерка за да се обезбеди присуство на судењето. Премногу притвори видовме во Република Македонија, во минатото, и јас верувам дека треба да се посегнува и по други, поолеснителни мерки, и драго ми е.

Ако може, и ако се случи, а секако тоа зависи од судските постапки, да дебатираме сите во Парламентот, тоа ќе биде уште подобро, гледано од историски аспект за Македонија, да бидат и сите пратеници. Не губам надеж кај мене, да смогнеме сили сите, и да изнедриме, енергија, храброст и љубов кон татковината, и да обезбедиме двотретинско мнозинство во Парламентот.