Министерот Сугарески: Евтини летови ќе има затоа што се од интерес на граѓаните на Република Македонија

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска во Владата на Република Македонија, одржа прес-конференција, на која информираше за јавниот повик за финансиска поддршка на авио компании.

Министерот Сугарески, објаснувајќи ги резултатите од јавниот повик, пред присутните медиуми, на прес-конференцијата рече: 

Владата на Република Македонија е посебно фокусирана на развој на воздушниот сообраќај на земјата. Доказ за тоа е континуираниот раст на бројот на патници забележан во последната година и половина.

Остваривме контакти со многубројни авиокомпании. Некои од нив успеавме да ги убедиме да ја постават Македонија, односно Скопје и Охрид на нивната мапа на дестинации.

Исто толку посветени остануваме и во следниот период, со цел да го унапредиме авиосообраќајот на едно повисоко ниво, а на граѓаните и на бизнис секторот да им обезбедиме широка мрежа на дестинации, согласно нивните потреби.

На денешната прес-конференција, сакаме да ја информираме јавноста за јавниот повик за финансиска поддршка на авио компании, објавен на тринаесетти септември оваа година.

Имено, до Министерството за транспорт и врски, до крајниот рок, дванаесетти октомври, тендерска документација достави една авио компанија, авиокомпанијата „Визер“.

Согласно утврдените правила, комисијата составена од членови на Министерството за транспорт и врски, на Министерството за финансии, од агенцијата за цивилно воздухопловство и од Владата на РМ, пристапи кон отворање на пристигнатата понуда, и разгледување на доставените документи.

Од страна на комисијата, во текот на вчерашниот ден, до министерството за транспорт и врски, доставен е извештај во кој е утврдено дека доставената понуда на авиокомпанијата „Визер“, не одговара со условите и критериумите пропишани во јавниот повик за финансиска поддршка за авио компании.

Ќе објаснам кои делови од условите компанијата „Визер“ не ги исполнува.

Во јавниот повик предвидено е следново: Авио компанијата што ќе добие финансиска поддршка има обврска да започне со оперирање на најмалку 4 нови дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле - Охрид, и тоа првите две до 10.01.2019, а останатите две, во рок од една година од денот на склучување на договорот, и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиската поддршка.

Авиокомпанијата „Визер“, доставила понуда во која што сите четири дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле, планира да ги воведе во август 2019 година.

Ова е спротивно на еден од клучните критериуми во јавниот повик. Ќе повторам. Во јавниот повик јасно стои дека авио компанијата има обврска до 10.01.2019 да воведе две линии од аеродромот во Охрид, и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авио компанијата Визер понудила четирите дестинации да ги воведе во месец август 2019 година.

Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи.

За оваа фактичка состојба не ми останува никаква друга можност освен, доследно почитувајќи ја уредбата и јавниот повик, повторно да ја поништам и оваа постапка.

Она што сакам да го потенцирам, е дека ние како Влада, и како министерство за транспорт и врски, остануваме доследни на мерката за финансиска поддршка за авио компании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани.

Да бидам директен. Евтини летови ќе има, и тоа оваа Влада ќе го исполни водејќи се исклучиво од интересот на граѓаните на Република Македонија, но процедурата и правилата мора да се почитуваат.

Граѓаните да бидат спокојни. Владата процени дека стратешки интерес на република Македонија е покрај скопскиот аеродром, системски да го развива и охридскиот аеродром.

Затоа и во јавниот повик побаравме потенцијални корисници на финансиска поддршка, да воведат четири нови линии од охридскиот аеродром во 2019 година. Исто така сакам да нагласам дека средствата се веќе предвидени во буџетите за следните три години, односно 2019-2020-2021 година.

Тие пари се на граѓаните и сè што е во наша надлежност ќе сториме за да  овозможиме за овој јавен повик да успее.

Но морам да споменам уште еднаш, дека мерката ќе се реализира согласно јасно утврдени процедури и критериуми и исклучиво во интерес на граѓаните.

Затоа сакам да ве информирам, дека уште денеска, по итна постапка, ќе доставам информација до Владата на Република Македонија.

Веднаш после тоа, Министерството за транспорт и врски ќе објави нов јавен повик, критериумите и условите нема да ги менуваме, ќе останат исти како и на претходниот јавен повик.

Наш приоритет е да го унапредиме авио сообраќајот и на охридскиот аеродром, и од тоа не отстапуваме.

И да бидам уште подиректен. Веднаш ќе ги спречам сите шпекулации во однос на поништување на двете постапки, имајќи предвид дека овој проект е започнат во времето на минатата влада.

Ниту еден член на оваа Влада, вклучувајќи ме и мене, нема ништо против авиокомпанијата „Визер“.

„Визер“ е стабилен  и долгорочен партнер на Република Македонија. Сметано од 2012 година, оваа авиокомпанија е субвенционирана со десет милиони евра, средства на даночните обврзници.

Ние го почитуваме нивниот интерес да ја продолжат соработката. Бидејќи тоа е и во интерес на граѓаните. Стоиме на располагање за разговор доколку е потребно, за било која компанија, да се објаснат условите, кои се прецизни и многу јасни.

Во оваа прилика, повторно ги повикувам и „Визер“ и сите други компании, да се пријават на новиот јавен повик, и уверувам дека ќе се избере авио превозник кој ќе достави најдобра понуда, и ќе ги исполнува критериумите согласно повикот.

На почеток споменав, пак ќе повторам. Развојот на воздушниот сообраќај во Република Македонија, и овозможување на широка мрежа на дестинации е програмска определба на Владата на Република Македонија.

Во таа насока, како ресорно министерство, силно сме посветени на создавање услови за зголемување на бројот на дестинации од двата аеродроми, како и за подобрување на квалитетот и безбедноста на авио-превозот во Република Македонија.